Откровение 4:5-11 MKB

5 И од престолот излегуваа секавици и гласови и грмежи; а пред престолот гореа седум огнени светила, тоа се седумте Божји Духови.

6 И пред престолот како стаклено море, слично на кристал; а меѓу престолот и околу, четири живи суштества, полни со очи и однапред и одназад.

7 Првото живо суштество личеше на лав; а второто живо суштество на јунец; третото живо суштество имаше лице како на човек; а четвртото живо суштество личеше на орел, што лета.

8 И секое од четирите живи суштества имаше по шест крила, полни со очи наоколу и одвнатре; и немаат починка ни дење ни ноќе, велејќи: „Свет, свет, свет е Господ Бог Сèмоќниот, Кој беше и Кој е и Кој иде.”

9 И кога живите суштества му воздаваат слава и чест и благодарност на Оној, Кој седи на престолот, Кој живее во вечни векови,

10 дваесет и четирите старешини паѓаат пред Оној, Кој седи на престолот, и Му се поклонуваат на Оној, Кој живее во вечни векови, и ги положуваат своите круни пред престолот, велејќи:

11 ”Достоен си, Господи и Боже наш, да ја примиш славата, и честа и силата, зашто Ти си создал сè, и заради Твојата волја суштествува сè и е создадено.”