Излез (2 Moj.) 10 MKB

1 Господ му рече на Мојсеја: „Оди при фараонот. Направив да им закорави срцето нему и на неговите службеници, за да ги извршам своите знаци меѓу нив;

2 за да можеш да му раскажуваш на својот син и на својот внук што им направив на Египетците и какви знаци правев меѓу нив, за да знаете дека Јас Сум Господ.”

3 Така Мојсеј и Арон отидоа при фараонот и му рекоа: „Господ, Бог на Евреите, порачува вака: ‘До кога ќе одбиваш да се понизиш пред Мене? Пушти го Мојот народ да ми искаже почитување.

4 Зашто ако не го пуштиш Мојот народ, утре ќе доведам скакулци во твојата земја.

5 Така ќе ја покријат површината, што земјата нема да се гледа од нив. Ќе го изедат она што ви остана по градот; и ќе ви ги оголат сите дрва што растат по полето.

6 Ќе го исполнам целиот твој дворец, и куќите на твоите службеници и домовите на сите други Египетци - нешто што не видоа ни твоите татковци ни татковците на твоите татковци во оваа земја, од своите времиња до денес.’” Се заврти и си отиде од кај фараонот.

7 „До кога овој човек ќе ни биде стапица - му рекоа на фараонот неговите службеници. Пуштете ги луѓето нека заминат и нека Му искажат почитување на Господа, својот Бог! Зар не гледаш како Египет се движи упорно во пропаст.”

8 Ги доведоа назад Мојсеја и Арона при фараонот, а тој им рече: „Одете! Искажете Му почитување на Господа, својот Бог! А кој сè ќе оди?”

9 „Сите одиме - одговори Мојсеј - и младо и старо. Заминуваме со своите синови и своите ќерки; со својот крупен и ситен добиток, зашто треба да Му одржиме свеченост на Господа.”

10 „Господ да биде со вас, исто колку и јас што ќе ве пуштам да тргнат со вас и децата! - им одговори. Се гледа дека вашата намера не е чиста.

11 Не така! Туку нека заминат мажите и нека Му искажат почитување на Господа. Тоа и баравте.” И ги истераа од кај фараонот.

12 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Протегни ја својата рака врз Египетската Земја за да надојдат скакулци во Египетската Земја и да ги изедат сите растенија, што останаа по градот!”

13 Така Мојсеј го крена стапот врз Египетската Земја, а Господ го наврати источниот ветер на земјата: дуваше тој цел ден и цела ноќ. А кога се раздени, ветерот ги донесе скакулците.

14 Тие се разлетаа во сите краишта на Египет во голема густина: толкаво мноштво никогаш не ги било пред тоа, ниту пак некогаш ќе ги биде.

15 Ја покрија целата земја, така што се зацрнеа од нив. Ги изедоа растенијата во полето и сите плодни дрва што останаа по градот. Повеќе ништо не се зеленееше: ни дрвата, ниту полската трева во целиот Египет.

16 Фараонот ги повика брзо Мојсеја и Арона па им рече: „Згрешив против Господа, вашиот Бог, и против вас!

17 Простете ми ја навредата уште само овој пат и молете Го Господа, својот Бог, само да го отстрани од мене овој смртоносен бич!”

18 Кога Мојсеј си отиде од кај фараонот, го повикаа Господа,

19 и Господ го смени ветерот во силен западник, што ги потфати скакулците и ги однесе кон Црвеното Море. Ниту еден единствен скакулец не остана, ниту во кој и да е крај на Египет.

20 Ама Господ го закорави срцето на фараонот, и тој не ги пушти Израелците.

21 „Испружи ја раката кон небото - Господ му рече на Мојсеја - па нека се спушти темнина над Египетската Земја, темнина што ќе може да се опипа.”

22 Мојсеј ја протегна раката кон небото, и се спушти густа темнина на сета Египетска Земја: траеше три дни.

23 Три дни луѓето не можеа да се видат еден-друг, и никој не се помрдна од своето место. А во местата каде што живееја Израелците блескаше светлина.

24 Тогаш фараонот го повика Мојсеја и му рече: „Оди и искажи Му почитување на Господа! Ама вашиот добиток, крупниот и ситниот, нека остане тука. Вашите деца нека дојдат со вас!”

25 „Ти треба самиот да нè снабдиш со придонеси и со жртви паленици, што ќе Му ги принесеме на Господа, својот Бог - одговори Мојсеј.

26 Затоа ќе ги спотераме со нас и своите стада. Ни дел од копитце не ќе остане тука. Од нив треба да избереме за жртвување на Господа, нашиот Бог, а не знаеме, додека не стигнеме таму, што треба да Му принесеме на Господа.”

27 Господ го закорави срцето на фараонот и тој не се согласи да заминат.

28 „Оди си! - му викна фараонот на Мојсеја. И да не ми излегуваш повеќе пред очите! Оној ден кога ќе ми се јавиш пак пред очите, ќе загинеш!”

29 „Добро рече! - му одговори Мојсеј. Не ќе го видам веќе твоето лице!”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40