1 Господ му рече пак на Мојсеја: „Оди кај фараонот и речи му: ‘Вака говори Господ: „Пушти го Мојот народ да замине и да Ми искаже почитување.
2 Ако одбиеш да ги пуштиш, ќе ти ја казнам целата земја со жаби.
3 Реката ќе врие со жаби. Тие ќе излезат и ќе навлезат во твојот дворец, во ложницата, во твојата постела, во куќите на твоите службеници и на твојот народ, под твоите вршници и ноќви.
4 Жабите ќе скокаат на тебе, на твојот народ и на сите твои службеници.”‘„
5 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Речи му на Арона нека ја испружи својата рака со стапот врз реките, потоците и езерцата, и направи жабите да се нафрлат на Египетската Земја.”
6 Арон ја протегна својата рака врз египетските води, и жабите излегоа и ја покрија Египетската Земја.
7 Но и бајачите направија така со своето баење, па жабите се нафрлија врз Египетската Земја.
8 Сега фараонот ги повика Мојсеја и Арона и рече: „Молете Го Господа да ги отстрани жабите од мене и од мојот народ, а јас ќе го пуштам народот да Му принесе жртва на Господа.”
9 Мојсеј му одговори на фараонот: „Чест нека ти е да ми одредиш кога сакаш да се молам за тебе, за твоите службеници и за твојот народ, за да се отстранат жабите од тебе и од твоите домови и да останат во Реката.”
10 „Утре,” рече. „Нека биде како што велиш - одговори Мојсеј - да знаеш дека никој не е како Господ, нашиот Бог.
11 Жабите ќе си отидат од тебе, од твоите службеници и од твојот народ; ќе останат само во Реката.”
12 Мојсеј и Арон отидоа од фараонот, а тогаш Мојсеј Го повика Господа заради жабите со кои го казни фараонот.
13 И Господ го послуша Мојсеја, па жабите пцовисаа по куќите, дворовите и нивите.
14 Ги собираа на купови, земјата засмрде од нив.
15 Кога фараонот виде дека настапи олеснување, срцето му закораве па не ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ и рече.
16 Тогаш пак Господ му рече на Мојсеја: „Речи му на Арона да замавне со својот стап и да удри по правот на почвата, за да се претвори во комарци по целата Египетска Земја.”
17 И направија така: Арон замавна со раката и стапот, и удри по правот на почвата. Комарците се нафрлија врз луѓето и животните. Целиот прав на почвата се претвори во комарци по сета Египетска Земја.
18 Вражалците се обидоа да создадат комарци со своето вражање, но не можеа. Луѓето и животните им станаа плен на комарците.
19 Тогаш бајачите му рекоа на фараонот: „Тоа е Божји прст!” Ама фараоновото срце беше закоравено, па не ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ рече.
20 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Порани наутро, излези пред фараонот кога ќе тргне кон водата, и речи му: ‘Господ порачува вака: „Пушти го Мојот народ да замине и да Ми искаже почитување.
21 Ако не го пуштиш Мојот народ, ќе пуштам стршели на тебе, на твоите службеници, на твојот народ и на твоите домови. Египетските домови и самата почва ќе се исполнат со стршели.
22 Но во тој ден ќе го одделам Гесенскиот Крај, во кој живее Мојот народ, па таму нема да се појават стршели, така да знаеш дека Јас Сум Господ во средиштето на земјата.
23 Ќе ја направам таа разлика меѓу Својот и твојот народ. утре ќе биде тој знак.”‘„
24 И направи Господ така. Роеви стршели долетаа во фараоновиот дворец, во домовите на неговите службеници и по целата Египетска Земја. Земјата настрада од стршели.
25 Сега фараонот ги повика Мојсеја и Арона па им рече: „Отидете, принесете Му жртва на својот Бог, но во оваа земја.”
26 „Не е прилично да направиме така - одговори Мојсеј. Жртвите што ние Му ги принесуваме на Господа, се нечисти за Египетците. И така, кога би принесувале, пред нивни очи, жртви што се за Египетците нечисти, зар не ќе нè каменуваат?
27 Затоа треба во пустината, три дни одење, па да Му принесеме жртва на Господа на својот Бог, како што ни заповеда.”
28 „Ќе ве пуштам да заминете во пустината - одговори фараонот - и да Му принесете жртва на Господа, својот Бог, ама не одите предалеку. Молете се за мене!”
29 Тогаш Мојсеј одговори: „Штом ќе излезам од кај тебе, ќе Го помолам Господа да ги снема утре стршелите од фараонот, од неговите службеници и од неговиот народ. Но фараонот нека не нè измамува повеќе! Нека го пушти народот да замине и да Му принесе жртва на Господа.”
30 Така Мојсеј излезе од кај фараонот и Му се помоли на Господа.
31 И Господ направи како што бараше Мојсеј: ги снема стршелите од фараонот, од неговите службеници и од неговиот народ - не остана ниту еден.
32 Но пак го закорави фараонот своето срце и не му одобри на народот да замине.