Излез (2 Moj.) 27 MKB

1 „Направи жртвеник од багремово дрво, долг пет лакти, широк пет лакти - вистински четвртест - и висок три лакти.

2 Направи рогови на неговите четири агли. Роговите нека му бидат од едно парче со него. И опкови ги со бронза.

3 Натаму, направи за жртвеникот садови за собирање на отпадоците: лопатки, грнчиња, вилушки и кадилници. Сите прибори за жртвеникот направи ги од бронза.

4 Потоа направи за него решетка од бронза, во облик на мрежичка, а на четирите агли на мрежичката направи четири колца од бронза.

5 И стави ја под издаденоста на жртвеникот, така да зафаќа до средината на жртвеникот.

6 Потоа направи ластегарка за жртвеникот, ластегарки од багремово дрво, па ги опкови со бронза.

7 Нека ластегарките бидат провлечени низ колцата, така што ќе дојдат на двете страни на жртвеникот, кога ќе се носи.

8 Направи го шуплив, од даски: како што ти е покажано на гората, така нека е и направен.”

9 „Направи му и двор на Шаторот. На јужната страна направи завеси од препреден лен, сто лакти во должина од таа страна.

10 Нивните дваесет столбови нека стојат на дваесет подножја од бронза, и нека имаат куки и поврзувачи од сребро.

11 Исто така направи завеси за северната страна долги сто лакти. Нивните дваесет столбови и дваесет подножја од бронза, но куките и поврзувачите нека се од сребро.

12 На широчината на дворот од западната страна ќе и требаат завеси долги педесет лакти, со десет столбови и десет подножја.

13 Широчината на дворот кон источната страна нека биде педесет лакти.

14 Натаму, завесите од едната страна на вратата нека се долги петнаесет лакти, со своите три столба и со нивните три подножја.

15 А на другата страна завесите нека се пак петнаесет лакти, со своите три столба и со нивните три подножја.

16 За влезот во дворот: везана завеса од дваесет лакти, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен; и со своите четири столба и нивните четири подножја.

17 Сите столбови околу дворот нека се поврзани со сребро. Куките нека им се од сребро, а подножјата од бронза.

18 Дворот нека е во должина сто лакти, а во широчина педесет, а во височина пет лакти. Завесите нека му се од препреден лен, а подножјето од бронза.

19 Сите прибори во Шаторот за општа употреба, и сите негови колчиња, а така и колчињата во дворот, нека се од бронза.”

20 „Натаму, нареди им на Израелците да ти донесуваат за осветление чисто масло од истолчени маслинки, за да гори светилото постојано.

21 Арон и неговите синови нека го поставуваат во Шаторот на средбата надвор од завесата што го засолнува Сведоштвото, за да гори пред Господа од вечер до утро. Нека е тоа неотповиклива наредба за израелските поколенија.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40