1 „Со уште една несреќа ќе ги удрам фараонот и Египет - му рече Господ на Мојсеја. Потоа ќе ве пушти оттука. И повеќе: самиот ќе ве истера оттука.
2 Кажи му на народот нека секој човек побара од својот сосед и секоја жена од својата сосетка сребрени и златни скапоцености.”
3 Господ направи па Египетците му беа наклонети на народот. Самиот Мојсеј стана почитуван во Египетската Земја, во очите на фараоновите службеници и во очите на народот.
4 А тогаш Мојсеј навести: „Господ порачува вака: ‘Ќе поминам низ Египет на полноќ.
5 Секој првороденец во Египетската Земја ќе умре, од фараоновиот првороденец, кој би требало да седи на неговиот престол, до првороденецот на робинката, која се наоѓа покрај мелничкиот камен; а ќе загинат и сите првородени на добитокот.
6 Во целата Египетска Земја ќе настане голем писок, каков не бил ниту ќе биде после.
7 Меѓу Израелците ни пес не ќе залае ни живо суштество: ни на човек ни на животно. По тоа ќе знаете дека Господ ги дели Израелците од Египетците.’
8 Тогаш сите овие твои дворјани ќе дојдат кај мене, ќе се фрлат пред мене и ќе викаат: излезете и ти и сиот народ, кој оди по тебе! Потоа ќе заминам.” И гневен си замина од кај фараонот.
9 „Фараонот не ќе ве послуша - му рече Господ на Мојсеја - за да се умножат Моите знаци во Египетската Земја.”
10 Мојсеј и Арон ги извршија сите тие чудеса пред фараонот, ама Господ го закорави срцето на фараонот, така што тој не ги пушташе Израелците да заминат од неговата земја.