Излез (2 Moj.) 4 MKB

1 Мојсеј одговори: „Ама ако не ми поверуваат и не ме послушаат, туку ми речат: ‘Господ не ти се јави?’”

2 „Што ти е тоа во раката?” Го праша Господ. „Стап”, одговори.

3 „Фрли го на земја!” му нареди Господ. Тој го фрли на земја, и стапот се претвори во змија. И Мојсеј избега пред неа.

4 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Испружи ја раката и фати ја за опашка.” Тој посегна со раката и ја фати за опашка, а таа пак стана стап во неговата рака.

5 „Така треба да веруваат дека ти се јави Господ, Бог на нивните татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.”

6 Уште Господ му рече: „Вовлечи ја раката во пазувата.” Тој ја вовлече раката во пазувата. Кога ја извлече, ете - раката му беше лепрозна, бела како снег.

7 „Стави ја пак раката во пазува!” му нареди Господ. Тој пак: раката во пазува. Кога ја извлече од пазува, ете - пак беше како и другиот дел на телото.

8 „Ако не ти поверуваат и не ја прифатат пораката на првиот знак, ќе и поверуваат на пораката на вториот знак.

9 А ако овие два знака не ги уверат, па не ти поверуваат, нацрпи вода од Реката и истури ја на суво. Водата што ќе ја земеш од Реката, на суво ќе се претвори во крв.”

10 „Прости, Господи! - продолжи Мојсеј на Господа. - Јас никогаш не сум бил красноречив човек; ни порано, ниту сега кога му зборуваш на Својот слуга. Јас сум бавен во зборувањето, а на јазикот тежок.”

11 „Кој му ја даде устата на човекот? - му рече Господ. - Кој го прави нем и глув; кој му го дава видот или го ослепува? Зар тоа не Сум Јас, Господ!

12 И така, оди! Јас ќе бидам со тебе кога ќе зборуваш, и ќе ти кажам што да зборуваш.”

13 „Прости, Господи - пак рече Мојсеј - не би ли испратил некој друг!”

14 Се налути Господ на Мојсеја и рече: „Зар Арон, Левиецот, не е твој брат? Знам дека е тој многу красноречив. Еве, токму ти излегува во пресрет. Кога ќе те види, ќе се израдува во срцето.

15 Ти зборувај му нему и ставај ги зборовите во неговата уста. Јас ќе бидам и со тебе и со него додека зборувате; ќе ви кажувам на двајцата што ќе работите.

16 Нека му зборува тој на народот место тебе. Така, тој ќе ти биде место уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога.

17 Земи го стапов во раката. Со него извршувај ги знаците.”

18 Потоа Мојсеј се врати при деда си Јотора и му рече: „Пушти ме да се вратам при браќата во Египет, да видам дали се уште живи. „Тргни со мир!” му рече Јотор на Мојсеја.

19 И Господ му рече на Мојсеја во Мадијам: „Врати се во Египет зашто изумреа сите луѓе, кои го бараа твојот живот.”

20 Така Мојсеј ги качи на ослето својата жена и синовите и замина за Египетската Земја. А во раката Мојсеј го зеде Божјиот стап.

21 Господ му рече пак на Мојсеја: „Кога ќе се вратиш во Египет, погрижи се да ги извршиш, пред фараонот, сите чудеса за кои ти дадов сила, иако Јас ќе го направам кораво неговото срце, така што нема да го пушти народот да си отиде.

22 Тогаш речи му на фараонот: ‘Вака вели Господ: „Израел е Мој првороденец.

23 Барам од тебе да ми го пуштиш синот, за да ми искаже почитување. Ако откажеш да го пуштиш, Јас ќе го убијам твојот првороденец.”‘„

24 Кога патем Мојсеј застана да преноќева, Господ се нафрли на него да го убие.

25 Но Сепфора зеде остро каменче, го обреза својот син и со кожичката ги допре Мојсеевите нозе: „Навистина ти си ми крвав маж,” рече.

26 И Господ го пушти. Заради обрезувањето таа го рече тоа: „крвав маж.”

27 Тогаш Господ му рече на Арона: „Запати се кон пустината, во пресрет на Мојсеј!” Тој отиде и се сретна со него на Божјата Гора. Го пољуби.

28 Мојсеј му раскажа на Арона сè што му довери Господ и сите знаци што му нареди да ги изврши.

29 Сега Мојсеј и Арон отидоа и ги собраа сите старешини на Израелците.

30 Арон им изложи сè што Господ му зборувал на Мојсеја, а Мојсеј ги направи знаците пред очите на народот.

31 Народот беше уверен, и откако чуја дека Господ ги посети Израелците и погледа на нивните јадови, паднаа ничкум и се поклонија.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40