1 „Не давај лажни изјави! Не помагај му на злосторникот сведочејќи криво!
2 Не се поведувај по мноштвото, за да правиш зло; ниту сведочи во парницата застанувајќи на страната на мнозинството против правдата.
3 Не смееш да бидеш пристрасен кон сиромавиот во неговата парница.
4 Ако сретнеш заскитано говедо или осле на својот непријател, треба да му го доведеш назад.
5 Ако го забележиш ослето, на оној кој те мрази, како паднало под својот товар, не го оставај: треба да му помогнеш да се крене заедно со неговиот господар.
6 Не оштетувај ги правата на својот сиромав во неговата парница.
7 Стој далеку од лажно обвинение; не убивај го невиниот и праведниот, зашто Јас не им проштавам на злочинците.
8 Не примај поткуп, зашто поткупот ги заслепува и оние кои гледаат најјасно и го упропастува правото на праведникот.
9 Не угнетувај го придојдениот! Па знаете како му е на придојденикот, и самите бевте придојденци во Египетската Земја.”
10 „Шест години сеј ја својата земја и собирај ги нејзините плодови,
11 а на седмата година остави ја да почива необработена. Нека се хранат од неа бедните на твојот народ, а што ќе и остане нејзе, нека го изедат полските животни. Работи така и со своето лозје и со својата маслинова градина.
12 Шест дена врши ја својата работа, ама на седмиот ден откажи се од своите работи, за да ти се одморат волот и ослето и за да здивнат синот на твојата слугинка и придојденикот.
13 Внимавајте на сè што ви реков. Не спомнувајте имиња на други богови. Тоа нека и не се чуе од твојата уста.”
14 „Трипати годишно одржувај свеченост во Моја чест.
15 Слави го Празникот на бесквасниот леб. Во одредено време во месецот Авив - зашто во него излезе од Египет - седум дена јади бесквасен леб, како што ти наредив. Нека никој не истапува пред Мене со празни раце!
16 Потоа слави го Празникот на жетвата - на првините што ги донесуваат полињата, кои ги засејуваш. Потоа Празникот на бербата на крајот на годината, кога ги прибираш од полето плодовите на својот труд.
17 Трипати годишно сите твои машки нека стапат пред Господа.
18 Крвта на жртвата, што ја жртвуваш во Моја чест, не ја принесувај со стасан леб; не ја оставај за утреден масата од жртвата принесена во Моја чест.
19 Донесувај во домот на Господа, својот Бог, најдобри првини од својата земја. Не вари го јарето во млекото на неговата мајка.”
20 „Еве, го испраќам Својот ангел пред тебе, да те чува патем и да те доведе во местото што ти го приготвив.
21 Почитувај го и слушај го! Не буни се против него, зашто нема да ви ги опростува прекршоците: па Моето име е во него.
22 Ако му се покоруваш верно и ако вршиш сè што Сум наредил, Јас ќе им бидам непријател на твоите непријатели и противник на твоите противници.
23 Мојот ангел ќе врви пред тебе и ќе те доведе до Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Хананците, Евејците и Евусејците, за да ги уништам.
24 Немој да им се клањаш на нивните идоли ниту им искажувај почитување; не постапувај како што прават тие, туку сруши им ги нивните идоли и искрши им ги столбовите.
25 Искажувајте Му почитување на Господа, својот Бог, па ќе ги благословувам твојот леб и твојата вода и ќе ја отстранам болеста од тебе.
26 Во твојата земја ќе нема пометнувачка; Јас ќе го направам полн бројот на твоите денови.
27 Пред тебе ќе го испратам Својот страв; во безредие ќе го фрлам сиот свет, среде кој ќе дојдеш, и ќе направам сите твои непријатели да бегаат пред тебе.
28 Ќе испраќам стршели пред тебе, за да ги истераат пред тебе Евејците, Хананците и Хетејците.
29 Не ќе ги истерам пред тебе за една година, за да не опусти земјата и за да не се намножат дивите животни на твоја штета.
30 Ќе ги терам пред тебе малку по малку додека ти порасте потомството, така што ќе ја заземеш земјата.
31 Ќе ти поставам граница: од Црвеното до Филистејското Море, од пустината па до Реката. Имено, ќе ги предадам жителите на земјата во твоите раце, а ти терај ги пред себе.
32 Не прави завет ни со нив ниту со нивните идоли.
33 Нека не останат во твојата земја, за да не те наведуваат на грев против Мене. Ако би ги почитувал нивните идоли, тоа би било стапица.”