Излез (2 Moj.) 17 MKB

1 Целата израелска заедница, по Господова заповед, тргна натаму од пустината Син. Се влогорија кај Рафидим. Таму немаше вода да пие народот.

2 Затоа народот почна да се препира со Мојсеја. Викаа: „Дај ни вода да пиеме!” А Мојсеј им одговори: „Зошто се препирате со мене? Зошто Го искушувате Господа?”

3 Ама народот ожедне за вода, па ропташе против Мојсеја и говореше: „Зошто нè изведе од Египет? Зар да не помориш со жед, нас, нашите деца и нашиот добиток?”

4 „Што да правам со овој народ! - извика Мојсеј кон Господа. Уште малку па ќе ме каменуваат.”

5 „Истапи пред народот! - му рече Господ на Мојсеја. Земи со себе неколку израелски старешини; земи го во раката стапот, со кој ја удри Реката, и тргни.

6 А Јас ќе стојам пред тебе таму, на карпата во Хорив. Удри по карпата: од неа ќе потече вода, па нека се напие народот.” Мојсеј направи така пред очите на израелските старешини.

7 Местото го нарекоа Маса и Мерива, заради тоа што Израелците се препираа и Го искушуваа Господа, зборувајќи: „Дали е Господ меѓу нас или не е?”

8 Тогаш дојдоа Амаликците и завојуваа со Израелците кај Рафидин.

9 А Мојсеј му рече на Исуса: „Одбери момчиња па тргни и зафати борба со Амаликците. Јас ќе застанам утре на врвот на ридот со Божјиот стап во раката.”

10 Исус направи како што му рече Мојсеј и стапи во борба со Амаликците, а Мојсеј, Арон и Ор се искачија на врвот на брдото.

11 И додека Мојсеј ги држеше рацете издигнати, Израелците победуваа; а кога ќе ги спуштеше рацете, победуваа Амаликците.

12 Но најзад рацете му стежнаа на Мојсеја. Затоа зедоа камен, го ставија под него, и тој седна, додека Арон и Ор, еден од едната, а другиот од другата страна, му ги држеа рацете до зајдисонце.

13 И Исус ги совлада, со острицата на мечот, Амалика и неговиот народ.

14 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Запиши го ова во книгата за спомен, и врежи во Исусовите уши дека Јас ќе го избришам сосем споменот на Амаликците под небото!”

15 Потоа Мојсеј издигна жртвеник и го нарече: „Господ Ми е Знаме!”

16 Зашто рече: „Господовото знаме во раката! Господ ќе војува против Амаликците од поколение до поколение!”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40