1 Три месеци по излезот од Египетската Земја, на истиот ден, Израелците стигнаа во Синајската Пустина.
2 Идејќи од Рафидин, дојдоа во Синајската Пустина и се влогорија во пустината. Израелците го поставнја логорот тука пред гората,
3 а Мојсеј се искачи кон Господа. Господ го повика од планината и му рече: „Кажи му вака на Јакововиот дом, разгласи им на Израелевите деца:
4 ‘Вие видовте што им направив на Египетците; како ве носев на орелски крилја и ве доведов при Себе.
5 Затоа, ако Ми се покорувате верно и го држите Мојот Завет, вие ќе Ми бидете посебна сопственост, покрај сите народи - па Мој е целиот свет! -
6 вие ќе Ми бидете царство, свештеници, свет народ.’ Кажи им ги тие зборови на Израелците.”
7 Мојсеј се врати и ги свика народните старешини па им изложи сè што му нареди Господ.
8 А целиот народ одговори едногласно: „Ќе правиме сè што нареди Господ.” Тогаш Мојсеј Му го пренесе на Господа одговорот на народот.
9 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Еве, Јас ќе дојдам при тебе во густ облак, за да чуе народот кога ќе зборувам со тебе, и да ти верува засекогаш.”
10 „Тргни кон народот - му рече Господ на Мојсеја - и посветувај го денес и утре. Нека ја испере својата облека;
11 нека биде готов задутре, зашто задутре Господ ќе слезе на гората Синај, пред очите на целиот народ.
12 Постави наоколу граници за народот и дај наредба: ‘Внимавајте да не се искачувате на ридот; да не се допрете ни до подножјето! Секој што ќе се допре до ридот, ќе го најде смрт.
13 Ничија рака да не се допре до него, туку нека биде затрупан со камења или застрелан со стрела: било да е човек или животно, нека не остане во живот.’ Нека се искачуваат на ридот при отегнатиот звук на трубата.”
14 Мојсеј слезе од брдото кон народот и почна да го посветува народот. Тие ја испраа својата облека.
15 „Бидете готови за задутре! - му рече Мојсеј на народот. Не приближувајте се до жена!”
16 А на третиот ден, при разденување, зататни грмеж, засветкаа молњи, а густ облак се наднесе над ридот. Грмливо екна трубата, се стресе целиот народ што беше во логорот.
17 Мојсеј го поведе народот од логорот во пресрет на Бога. Застанаа при подножјето на ридот.
18 Планината Синај беше завиткана во дим, зашто Господ слезе на неа во оган. Се креваше дим како дим од печка. Целата планина се тресеше силно.
19 Звукот на трубата стануваше сè посилен. Мојсеј зборуваше, а Господ му одговараше со глас.
20 Господ слезе на Синајската Гора, на врвот, и Господ го повика Мојсеја на врвот на гората. Мојсеј се искачи.
21 Сега Господ му рече на Мојсеја: „Слези и опомени го народот, за да не навалува кон Господа да го види. Мнозина би загинале.
22 И самите свештеници, кои доаѓаат близу до Господа, треба да се очистат, за да не ги уништи Господ.”
23 Народот не може да се искачи на ридот Синај - Му одговори Мојсеј на Господа - зашто Ти Самиот нè опомена: ‘Постави граници околу ридот и прогласи го за свет.’”
24 „Слези и искачи се пак со Арона - му одговори Господ. Ама свештениците и народот нека не навалуваат да се искачат кон Господа, за да не загинат.”
25 Мојсеј слезе при народот и му кажа сè.