1 Тогаш Мојсеј, со Израелците, ја запеа оваа песна во слава на Господа: „Ќе запеам во чест на Господа, зашто се прослави, коњот и коњаникот Тој ги фрли во морето.
2 Моја сила, моја песна е Господ, зашто стана мој Избавител. Тој е мој Бог, јас ќе Го славам Него, Тој е Бог на мојот татко, Него ќе го возвеличувам.
3 Господ е храбар војник, Неговото име е Господ Бог.
4 Ја фрли во морето фараоновата кола и неговата војска; цветот на неговите штитоносци Црвеното Море го голтна.
5 Брановите ги прекрија; како камен потонаа во морските длабочини.
6 Твојата десница, Господи, се прослави со сила; Твојата десница, Господи, го распарчи непријателот.
7 Со Своето величество Ти ги оборуваш враговите; го пушташ Својот гнев и тој ги голтнува како слама.
8 Од здивот на Твоите носалки надојдоа водите, брановите се издигнаа во ѕид, длабочините се зацврстија во срцето на морето.
9 Мислеше непријателот: ‘Ќе ги голтнам, ќе ги стигнам, ќе го поделам пленот, мојата душа ќе биде со него; ќе го извлечам мечот, ќе ги уништам со својата рака.’
10 А ти дувна со Твојот ветер, морето се затвори над нив; како олово потонаа во бездната на силната вода.
11 Кој е како Тебе, Господи, меѓу боговите, кој свети како Тебе во светлина, страшен во делата, прекрасен во чудесата?
12 Десницата ја испружи и земјата ги голтна!
13 Со Својата милост го водеше овој народ, откупен од Тебе, со Својата сила го упати кон Твоето свето живеалиште.
14 Штом го чуја тоа, народите се стресоа; маки ги нападнаа Филистејците.
15 Ужас ги скрши едомските главатари, трепет ги опфати моавските кнезови и се тресат сите што живеат во Ханаан.
16 Страв и трепет ги напаѓаа нив, силата на Твојата рака ги скамени додека, Господи, не помина Твојот народ, додека не помина Твојот народ, кого го откупи.
17 Ќе ги доведеш и ќе ги посадиш на Гората на Своето наследство, на местото што Ти, Господи, го направи Свое Живеалиште, Светилиште, о Господи, создадено со Твојата рака.
18 Господ ќе царува секогаш и довека.”
19 Кога фараоновите коњи, неговите коли и коњаници слегоа во морето, Господ ги врати на нив морските води, откако Израелците поминаа среде море по суво.
20 Тогаш Ароновата сестра, пророчицата Маријам, зеде тапанче во раката, а сите жени и се придружија со тапанчиња во рацете и играјќи,
21 Маријам им ја отпеа песната: „Запејте Му на Господа, зашто се прослави со слава! Коњот со коњаникот го фрли во морето.”
22 Мојсеј ги раздвижи Израелците од Црвеното Море, и тргнаа на пат низ пустината Сур. Патуваа низ пустината три дни, а не најдоа вода.
23 Дојдоа до Мера, ама не можеа да пијат вода кај Мера, зашто беше горчлива. Затоа и се вика Мера.
24 Народот мрмореше против Мојсеја и зборуваше: „Што ќе пиеме?”
25 А тој Го повика Господа. Господ му покажа едно дрво. Го фрли тој дрвото во водата, и водата стана слатка. Таму Господ им даде закон и право и таму ги стави во искушение.
26 Потоа рече: „Ако го слушаш добро гласот на Господа, својот Бог, вршејќи што е право во Неговите очи; ако го насочуваш своето уво кон Неговите заповеди и ги држиш Неговите закони, нема да пуштам на вас никакви болести, што ги пуштив на Египетците. Зашто Јас Сум Господ, твој исцелител.”
27 Потоа стигнаа во Елим, каде имаше дванаесет извори и седумдесет палми. Таму се влогорија, покрај водата.