Излез (2 Moj.) 12 MKB

1 Господ им рече на Мојсеја и Арона во Египетската Земја:

2 „Овој месец нека ви биде почеток на месеците; нека ви биде прв месец во годината.

3 Објавете и го ова на целата израелска заедница: ‘На десеттиот ден на овој месец секое семејство нека си набави едно живинче. Така, едно на семејство.

4 Но ако семејството е премало за да го потроши, тоа нека му се приклучи на својот сосед, на најблиската куќа, според бројот на личностите. Поделете го живинчето според тоа која личност колку може да изеде.

5 Живинчето нека биде без недостаток, годиначе и машко. Можете да изберете или јагне или јаре.

6 Чувајте го до четиринаесеттиот ден на овој месец. А тогаш нека целата израелска заедница го заколе кога ќе се спушти примракот.

7 Нека ја земат крвта и ги попрскаат двата довратници и надвратникот на куќата, во која ќе јадат.

8 Месото, печено на оган нека биде изедено во истата ноќ, со бесквасен леб и горчливо зелје.

9 Да не јадете ништо сурово од него ниту сварено во вода, туку испечено на оган: со главата, со нозете и со внатрешноста.

10 Не смеете ништо да оставите од него за утреден; што и да остане до утрото, треба да го изгорите на оган.

11 А јадете го вака: со препашана половина, со обувки на нозете и со стап во раката. Јадете го набрзина: тоа е Господова Пасха.

12 Имено во таа ноќ Јас ќе тргнам низ Египетската Земја и ќе ги погубам сите првороденци во Египетската Земја, и на човекот и на животното. Јас, Господ, ќе ги казнам и сите египетски божества.

13 Крвта нека ги означува куќите во кои ќе бидете вие. Каде и да забележам крв, ќе поминам покрај вас; така вие ќе го избегнете поморот, кога ќе се нафрлам врз Египетската Земја.’

14 ‘Тој ден нека ви биде спомен-ден. Славете го како празник во чест на Господа. Празнувајте го како вечен закон од колено до колено.

15 Седум денови јадете бесквасен леб. Веќе на првиот ден отстранете го квасот од вашите домови. Зашто, кој ќе јаде потквасен леб, од првиот до седмиот ден, ќе биде откорнат од среде Израелците.

16 На првиот ден држете свет собир, и така и на седмиот ден. Не работете никаква работа во тие денови. Единствено можете да готвите јадење, колку што му е потребно секому.

17 Пазете го празникот на бесквасниот леб! Имено во тој ден ги изведов вашите чети од Египетската Земја. Пазете го тој ден како празник од поколение до поколение: тоа е вечна наредба.

18 Од вечерта на четиринаесеттиот ден на првиот месец па сè до вечерта на дваесет и првиот ден на тој месец јадете бесквасен леб.

19 Седум дена не смее да има квас во вашите домови. Кој ќе јаде што и да е потквасено, тој нека биде отстранет од израелската заедница, било да е странец или домородец.

20 Ништо потквасено не смеете да јадете: во сите свои живеалишта јадете бесквасен леб.’”

21 Потоа Мојсеј ги повика сите старешини на Израелците и им рече: „Одете и набавете си јагне за своите семејства и жртвувајте Пасха.

22 Тогаш земете китка босилек, натопете ја во крвта што е во земјан сад и попрскајте ги со крвта, од земјаниот сад, надвратникот и двата довратници. Нека никој не излегува низ куќната врата до утрото.

23 Кога Господ ќе поминува да ги погуби Египетците, ќе ја забележи крвта врз надвратникот и врз двата довратници, па ќе ја одмине таа врата и нема да му дозволи на Погубителот да влезе во вашите куќи и да поразува.

24 Оваа одредба ќе ја пазите во сите времиња како закон за себе и за своите деца.

25 И кога ќе дојдете во земјата, што Господ ќе ви ја даде како што вети, вршете ја оваа служба.

26 Кога вашите деца ќе ве прашаат: ‘Што ви значи таа служба?’

27 одговорете им: ‘Ова е пасхална жртва во чест на Господа, Кој поминуваше покрај куќите на Израелците, кога ги усмртуваше Египетците, а ги поштедуваше нашите куќи.’” Тогаш народот се поклони длабоко и искажа почитување.

28 Потоа Израелците отидоа и послушаа: како што Господ им нареди на Мојсеја и Арона така и направија.

29 На полноќ Господ ги погуби сите првороденци во Египетската Земја: од фараоновиот првороденец, кој требаше да седи на престолот, до првороденецот на пленикот во темницата, а така и сите првородени на добитокот.

30 Во ноќта стана фараонот, тој и сите негови дворјани и сите Египетци, зашто страшен лелек се разнесе низ Египет: немаше куќа во која не лежеше мртовец.

31 Фараонот ги повика во ноќта, Мојсеја и Арона па им рече: „Станете и заминете од мојот народ и вие и вашите Израелци! Одете си! Искажете му почитување на Господа, како што баравте.

32 Заберете го својот ситен и крупен добиток, како што баравте: одете, па благословете ме и мене!”

33 Египетците го принудуваа народот да замине побргу од земјата, „зашто загинавме сите,” зборуваа тие.

34 Така народот го зеде со себе уште нескиснатото тесто; ноќвите, завиткани во наметки, ги понесоа врз рамена.

35 И Израелците направија како што им рече Мојсеј, побараа од Египетците сребрени и златни скапоцености, и облеки.

36 Господ направи Египетците да му бидат благонаклонети на народот, па даваа. Така ги ограбија Египетците.

37 Така Израелците тргнаа од Рамзес кон Сокхот. Беа околу шест стотини илјади пешаци, освен жените и децата.

38 А многу и друг свет тргна со нив, и многу добиток, крупен и ситен.

39 Испекоа пресни погачи од тестото што го зедоа со себе од Египет: не беше уште стасано. А бидејќи беа терани од Египет, не можеа да одложуваат, и така не си приготвија за себе попатна храна.

40 Времето што Израелците го поминаа во Египет беше четири стотини и триесет години.

41 И кога се наполнија четири стотини и триесет години - точно во тој ден - сите Господови чети излегоа од Египетската Земја.

42 Онаа ноќ што Господ ја бдееше за да ги избави нив од Египет, оттогаш за сите Израелци, во сите нивни поколенија, е ноќ на бдеење во чест на Господа.

43 Господ им рече на Мојсеја и Арона: „Нека е ова правило за пасхалната жртва: Ниеден странец не смее да јаде од неа!

44 Секој роб, купен за пари и обрезан, може да ја јаде!

45 Никој придојденец или наемник да не јаде од неа!

46 Јадете ја во една иста куќа; не смеете да изнесувате месо од куќата, ниту смеете да и скршите коска на жртвата.

47 Целата заедница на Израелците да ја пази!

48 Ако странец, кој престојува меѓу вас, сака да ја празнува Пасхата во чест на Господа, сите негови машки треба да се обрежат. Тогаш му е дозволено да ја слави, зашто е тогаш како и домородецот на земјата. Но необрезаните не смеат да јадат од неа.

49 Нека важи исто правило и за домородецот и за придојденикот, кој престојува меѓу вас.”

50 Сите Израелци послушаа: како што Господ им нареди на Мојсеја и Арона, така и направија.

51 Во тој ист ден Господ ги избави Израелците, во нивните чети, од Египетската Земја.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40