Излез (2 Moj.) 10:21-27 MKB

21 „Испружи ја раката кон небото - Господ му рече на Мојсеја - па нека се спушти темнина над Египетската Земја, темнина што ќе може да се опипа.”

22 Мојсеј ја протегна раката кон небото, и се спушти густа темнина на сета Египетска Земја: траеше три дни.

23 Три дни луѓето не можеа да се видат еден-друг, и никој не се помрдна од своето место. А во местата каде што живееја Израелците блескаше светлина.

24 Тогаш фараонот го повика Мојсеја и му рече: „Оди и искажи Му почитување на Господа! Ама вашиот добиток, крупниот и ситниот, нека остане тука. Вашите деца нека дојдат со вас!”

25 „Ти треба самиот да нè снабдиш со придонеси и со жртви паленици, што ќе Му ги принесеме на Господа, својот Бог - одговори Мојсеј.

26 Затоа ќе ги спотераме со нас и своите стада. Ни дел од копитце не ќе остане тука. Од нив треба да избереме за жртвување на Господа, нашиот Бог, а не знаеме, додека не стигнеме таму, што треба да Му принесеме на Господа.”

27 Господ го закорави срцето на фараонот и тој не се согласи да заминат.