Излез (2 Moj.) 12:13-19 MKB

13 Крвта нека ги означува куќите во кои ќе бидете вие. Каде и да забележам крв, ќе поминам покрај вас; така вие ќе го избегнете поморот, кога ќе се нафрлам врз Египетската Земја.’

14 ‘Тој ден нека ви биде спомен-ден. Славете го како празник во чест на Господа. Празнувајте го како вечен закон од колено до колено.

15 Седум денови јадете бесквасен леб. Веќе на првиот ден отстранете го квасот од вашите домови. Зашто, кој ќе јаде потквасен леб, од првиот до седмиот ден, ќе биде откорнат од среде Израелците.

16 На првиот ден држете свет собир, и така и на седмиот ден. Не работете никаква работа во тие денови. Единствено можете да готвите јадење, колку што му е потребно секому.

17 Пазете го празникот на бесквасниот леб! Имено во тој ден ги изведов вашите чети од Египетската Земја. Пазете го тој ден како празник од поколение до поколение: тоа е вечна наредба.

18 Од вечерта на четиринаесеттиот ден на првиот месец па сè до вечерта на дваесет и првиот ден на тој месец јадете бесквасен леб.

19 Седум дена не смее да има квас во вашите домови. Кој ќе јаде што и да е потквасено, тој нека биде отстранет од израелската заедница, било да е странец или домородец.