42 Онаа ноќ што Господ ја бдееше за да ги избави нив од Египет, оттогаш за сите Израелци, во сите нивни поколенија, е ноќ на бдеење во чест на Господа.
43 Господ им рече на Мојсеја и Арона: „Нека е ова правило за пасхалната жртва: Ниеден странец не смее да јаде од неа!
44 Секој роб, купен за пари и обрезан, може да ја јаде!
45 Никој придојденец или наемник да не јаде од неа!
46 Јадете ја во една иста куќа; не смеете да изнесувате месо од куќата, ниту смеете да и скршите коска на жртвата.
47 Целата заедница на Израелците да ја пази!
48 Ако странец, кој престојува меѓу вас, сака да ја празнува Пасхата во чест на Господа, сите негови машки треба да се обрежат. Тогаш му е дозволено да ја слави, зашто е тогаш како и домородецот на земјата. Но необрезаните не смеат да јадат од неа.