Излез (2 Moj.) 12:9-15 MKB

9 Да не јадете ништо сурово од него ниту сварено во вода, туку испечено на оган: со главата, со нозете и со внатрешноста.

10 Не смеете ништо да оставите од него за утреден; што и да остане до утрото, треба да го изгорите на оган.

11 А јадете го вака: со препашана половина, со обувки на нозете и со стап во раката. Јадете го набрзина: тоа е Господова Пасха.

12 Имено во таа ноќ Јас ќе тргнам низ Египетската Земја и ќе ги погубам сите првороденци во Египетската Земја, и на човекот и на животното. Јас, Господ, ќе ги казнам и сите египетски божества.

13 Крвта нека ги означува куќите во кои ќе бидете вие. Каде и да забележам крв, ќе поминам покрај вас; така вие ќе го избегнете поморот, кога ќе се нафрлам врз Египетската Земја.’

14 ‘Тој ден нека ви биде спомен-ден. Славете го како празник во чест на Господа. Празнувајте го како вечен закон од колено до колено.

15 Седум денови јадете бесквасен леб. Веќе на првиот ден отстранете го квасот од вашите домови. Зашто, кој ќе јаде потквасен леб, од првиот до седмиот ден, ќе биде откорнат од среде Израелците.