Излез (2 Moj.) 13:7-13 MKB

7 Седум дена нека се јаде бесквасен леб; леб со квас нека нема кај тебе; и нека никаде не се види квас во твоето подрачје.

8 На тој ден објасни му на твојот син: ‘Ова е поради тоа што Господ ми стори кога се спасив од Египет.’

9 Нека ти биде како знак на твојата рака и како опомена на твоето чело: за да биде Господовиот закон во твојата уста. Зашто Господ те избави од Египет со силна рака.

10 Вршете го овој пропис секоја година во одредено време.”

11 „А кога Господ те доведе во земјата на Ханаанците - како што ви се заколна, тебе и на твоите татковци - и кога ќе ти ја предаде,

12 отстапувајте Му ги на Господа првороденците на мајчината утроба, а така и сите првородени што ги дава твојот добиток - секое машко Му припаѓа на Господа!

13 Секое првородено на ослињата откупи го со јагне или јаре. Ако не го откупиш, свиткај му го вратот. А секој првороденец меѓу своите деца откупи го.