Излез (2 Moj.) 15:19-25 MKB

19 Кога фараоновите коњи, неговите коли и коњаници слегоа во морето, Господ ги врати на нив морските води, откако Израелците поминаа среде море по суво.

20 Тогаш Ароновата сестра, пророчицата Маријам, зеде тапанче во раката, а сите жени и се придружија со тапанчиња во рацете и играјќи,

21 Маријам им ја отпеа песната: „Запејте Му на Господа, зашто се прослави со слава! Коњот со коњаникот го фрли во морето.”

22 Мојсеј ги раздвижи Израелците од Црвеното Море, и тргнаа на пат низ пустината Сур. Патуваа низ пустината три дни, а не најдоа вода.

23 Дојдоа до Мера, ама не можеа да пијат вода кај Мера, зашто беше горчлива. Затоа и се вика Мера.

24 Народот мрмореше против Мојсеја и зборуваше: „Што ќе пиеме?”

25 А тој Го повика Господа. Господ му покажа едно дрво. Го фрли тој дрвото во водата, и водата стана слатка. Таму Господ им даде закон и право и таму ги стави во искушение.