Излез (2 Moj.) 16:8-14 MKB

8 Вечерва Господ ќе ви даде месо да јадете - продолжи Мојсеј - а наутро леб до наситка, зашто Господ го чу вашето мрморење против Него. Што сме ние? Вие не мрморите против нас, туку против Господа.”

9 Потоа Мојсеј му рече на Арона: „Речи и на целата израелска заедница: соберете се пред Господа, зашто го чу вашето мрморење!”

10 И додека Арон и зборуваше на целата израелска заедница, тие се свртија кон пустината, и ете, Господовата слава се појави во облак.

11 Тогаш Господ му се јави на Мојсеја и му рече:

12 „Го чув мрморењето на Израелците. Речи им вака: ‘Вечерва ќе јадете месо, а наутро ќе се наситите со леб. Тогаш ќе познаете дека Јас Сум Господ, ваш Бог.’”

13 И навистина! Навечер се појавија потполошки и го покрија логорот, а наутро изобилна роса наросила сè околу логорот.

14 Кога се крена навлаката од росата, по површината на пустината лежеше тенок слој, нешто како снегулки, како да се фатила слана по земјата.