Излез (2 Moj.) 17:1-6 MKB

1 Целата израелска заедница, по Господова заповед, тргна натаму од пустината Син. Се влогорија кај Рафидим. Таму немаше вода да пие народот.

2 Затоа народот почна да се препира со Мојсеја. Викаа: „Дај ни вода да пиеме!” А Мојсеј им одговори: „Зошто се препирате со мене? Зошто Го искушувате Господа?”

3 Ама народот ожедне за вода, па ропташе против Мојсеја и говореше: „Зошто нè изведе од Египет? Зар да не помориш со жед, нас, нашите деца и нашиот добиток?”

4 „Што да правам со овој народ! - извика Мојсеј кон Господа. Уште малку па ќе ме каменуваат.”

5 „Истапи пред народот! - му рече Господ на Мојсеја. Земи со себе неколку израелски старешини; земи го во раката стапот, со кој ја удри Реката, и тргни.

6 А Јас ќе стојам пред тебе таму, на карпата во Хорив. Удри по карпата: од неа ќе потече вода, па нека се напие народот.” Мојсеј направи така пред очите на израелските старешини.