10 Кога детето порасте, таа го доведе при фараоновата ќерка, која го посини. Му го даде името Мојсеј, „зашто го извадив - рече - од вода.”
11 Еден ден, кога Мојсеј веќе беше порастен, дојде меѓу своите браќа и ги виде нивните маки. Тогаш забележа како еден Египетец бие еден Евреин - негов брат.
12 Се заврте ваму-таму и откако виде дека нема никој, го уби Египетецот и го закопа во песокот.
13 Тој излезе и другиот ден и најде двајца Евреи како се тепаат. „Зошто го тепаш својот другар?” - му рече на напаѓачот.
14 Овој му одговори: „Кој те постави за наш старешина и судија? Имаш ли намера да ме убиеш и мене, како што го уби оној Египетец?” Мојсеј се исплаши и си рече во себе: „Така! Сепак се научило.”
15 Кога фараонот го чу тоа, сакаше да го погуби Мојсеја. Затоа Мојсеј избега од фараонот и се засолна во Мадијамската Земја. Таму седна покрај еден кладенец.
16 Мадијамскиот свештеник имаше седум ќерки. Тие дојдоа да нацрпат вода и да ги налеат поилата, за да го напојат стадото на својот татко.