Излез (2 Moj.) 2:5-11 MKB

5 Фараоновата ќерка слезе до Реката да се капи, додека нејзините слугинки шетаа по брегот на Реката. Таа ја забележа кошницата во трските, па ја испрати слугинката да ја донесе.

6 Ја отвори и погледа, а тоа во неа: дете! Машко чедо. Плачеше. Таа му се сожали. „Тоа ќе е еврејско дете”, рече.

7 Тогаш неговата сестра и рече на фараоновата ќерка: „Сакаш ли да побарам доилка меѓу Еврејките, да ти го дои детето?”

8 „Оди!” и одговори фараоновата ќерка. Така девојката отиде и ја повика мајката на детето.

9 „Земи го детево - и рече фараоновата ќерка - и одгледај ми го, а јас ќе те платам.”

10 Кога детето порасте, таа го доведе при фараоновата ќерка, која го посини. Му го даде името Мојсеј, „зашто го извадив - рече - од вода.”

11 Еден ден, кога Мојсеј веќе беше порастен, дојде меѓу своите браќа и ги виде нивните маки. Тогаш забележа како еден Египетец бие еден Евреин - негов брат.