13 Земи го сето мрсно околу дробот, мрежичката на црниот дроб и двата бубрега со мрсното околу нив, па изгори ги на жртвеникот.
14 Месото од јунецот, неговата кожа и неговата нечистотија изгори ги во оган надвор од логорот. Тоа е жртва покајница за грев.”
15 „Потоа земи еден овен, па Арон и неговите синови нека ги положат своите раце врз неговата глава.
16 И заколи го овенот, собери му ја крвта и попрскај го со неа жртвеникот од сите страни.
17 Потоа насечи го овенот на делови, измиј му ја внатрешноста и нозете и положи ги врз неговите други делови и врз главата.
18 И тогаш изгори го целиот овен на жртвеникот. Тоа е жртва паленица во чест на Господа, пријатен мирис, огнена жртва.”
19 „Тогаш земи го вториот овен, па Арон и неговите синови нека ги положат своите раце на главата на овенот.