Излез (2 Moj.) 3:12-18 MKB

12 „Јас ќе бидам со тебе - продолжи. - И ова ќе биде знак дека Јас те испратив: кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му искажете почитување на Бога на оваа гора.”

13 Тогаш Мојсеј Му рече на Бога: „Ако отидам при Израелците и им речам: ‘Бог на вашите татковци ме испрати при вас’, и тие ме прашаат: ‘Како Му е името?’ - што ќе им одговорам?”

14 „ЈАС СУМ, КОЈ СУМ,” му рече Бог на Мојсеја. Потоа продолжи: „Кажи им вака на Израелците: ‘ЈАС СУМ, ме испрати при вас.’”

15 Натаму Бог му рече на Мојсеја: „Речи им на Израелците вака: ‘Господ, Бог на вашите татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, ме испрати при вас. Тоа е Мое име довека, така ќе Ме викаат од род до род.’

16 Оди, собери ги старешините на Израелците и речи им: ‘Господ, Бог на татковците - Бог Авраамов, Исаков и Јаковов - ми се јави и ми рече: „Ве посетив и разбрав што ви прават во Египет.

17 Одлучив да ве изведам од египетската беда во земјата на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците - во земјата во која течат мед и млеко!”‘

18 Тие ќе те послушаат. Тогаш тргни со старешините на Израелците кон египетскиот цар и речи му: ‘Ни се јави Господ, Бог на Евреите. Пушти нè да одиме три дни одење во пустината, да Му принесеме таму жртва на Господ, на својот Бог.’