4 Откако го прими златото од нивните раце, го растопи во калапи и направи леано теле. А тие извикаа: „Ова е твојот бог Израеле, кој те изведе од Египетската Земја.”
5 Откако го виде тоа, Арон изгради жртвеник пред него, а потоа најави: „Утре нека биде приредена свеченост во чест на Господа!”
6 Рано наутро станаа и принесоа жртви паленици и донесоа помирителни жртви. Тогаш народот седна да јаде и да пие. Потоа станаа за да играат.
7 „Побрзај долу! - му проговори Господ на Мојсеја. - Твојот народ, што го изведе од Египетската Земја, тргна наопаку.
8 Бргу се отстранија од патот што им го одредив. Си направија теле од излеан метал; паднаа ничкум пред него и му принесоа жртви, викајќи: ‘Ова е твојот бог, Израеле, кој те изведе од Египетската Земја!’
9 Гледам добро - му рече натаму Господ на Мојсеја - дека овој народ е со корав врат.
10 Сега пушти да се распали Мојот гнев на нив за да ги истребам. Тогаш од тебе ќе развијам голем народ.”