Излез (2 Moj.) 33:3-9 MKB

3 Отидете во земјата во која течат млеко и мед. Јас нема да тргнам со вас - зашто сте народ со корав врат - за да не ве истребам патем.”

4 Кога народот ги чу овие остри зборови, почна да тагува. И никој веќе не го стави својот накит врз себе.

5 Зашто Господ му рече на Мојсеја: „Кажи им на Израелците: ‘Вие сте народ со корав врат. Кога Јас би идел со вас само еден час, би ве уништил. Затоа симнете го својот накит, а Јас ќе видам што ќе сторам со вас.’”

6 Така од планината Хорив Израелците беа без накит.

7 Мојсеј го зеде Шаторот и го оптегна надвор од логорот, далеку од логорот. И го нарече Шатор на средбата. Секој кој сакаше да Му се обрати на Господа, излегуваше при Шаторот на средбата, што се наоѓаше надвор од логорот.

8 Кога и да тргнеше Мојсеј кон Шаторот, целиот народ стануваше; секој стоеше при влезот во својот шатор и гледаше по Мојсеја додека влезеше во Шаторот.

9 А кога Мојсеј ќе влезеше во Шаторот, облачниот столб се спушташе и остануваше на влезот на Шаторот, додека Господ разговараше со Мојсеја.