Излез (2 Moj.) 34:19-25 MKB

19 Секое првороденче на мајчиното крило Ми припаѓа Мене: секое машко, секое првородено на твојот ситен и крупен добиток.

20 Првороденото на ослицата откупи го со едно грло од ситниот добиток. Ако не го откупиш, треба да му го свиткаш вратот. А сите првороденци на своите синови откупувај ги. Никој да не стапува пред Мене со празни раце.”

21 „Шест дена работи, а на седмиот откажи се од работите, сеедно ако е и во доба на орање или во време на жетва.

22 Празнувај го празникот Седмици - на првите плодови на пченичната жетва - и празникот Берба на крајот на годината.

23 Трипати годишно сите машки нека се појават пред Господа Јахве, Израелевиот Бог.

24 Зашто ќе ги протерам народите пред тебе и ќе ги проширам твоите меѓи, па никој не ќе ја посака твојата земја кога трипати годишно ќе излегуваш да се покажеш пред Господа, твојот Бог.”

25 „Од жртвата што ми ја имаш наменето не принесувај крв со ништо потквасено; ниту ја оставај жртвата принесена на Пасха да преноќева до утре.