29 Тие беа составени при дното, но при врвот се составуваа со едно колце. Така двете ги поставија за двата агла.
30 Имаше осум даски со нивните подножја од сребро; шеснаесет подножја, под секоја даска две.
31 Направија лостови од багремово дрво: пет од нив за даските на едната страна на Шаторот,
32 а пак пет лостови за даските на другата страна на Шаторот, и пет лостови за даските на Шаторот одназад, кон запад.
33 Тогаш направија средишен лост што поминуваше низ средината на даските од крај до крај.
34 Ги опковаа даските со злато, а нивните колца, низ кои беа провлечени лостовите, ги направија од злато. И лостовите ги опковаа со злато.
35 Направија завеса од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од преден лен; ја направија со извезани херувими.