1 Господ му рече на Мојсеја: „Скоро ќе видиш како ќе постапам Јас со фараонот! Под силна рака ќе ги пушти да заминат; под силна рака сам ќе ги истера од својата земја.”
2 Уште Бог му рече на Мојсеја: „Јас Сум Господ.
3 Им се јавував на Авраама, Исака и Јакова како Ел Шадај. Но не им се открив со Своето име - Господ.
4 И склучив завет со нив дека ќе им ја дадам Ханаанската Земја, земјата во која живееја како придојденци.
5 А сега, откако ги чув воздишките на Израелците, кои Египетците ги држат во ропство, си спомнав на Својот Завет.