1 Господ им рече на Мојсеја и Арона:
2 „Ако некому му се појави на кожата оток или лишај или дамки; што би било навестување на лепра врз кожата на неговото тело; таквиот нека биде доведен при свештеникот Арон или при некој од неговите синови - свештеници.
3 Свештеникот нека го прегледа заразеното место на кожата на неговото тело. Ако влакната на заразеното место се побелени, и изгледа дека тоа е подлабоко од кожата на неговото тело, тогаш тоа е лепра. Откако свештеникот ќе го прегледа, нека го прогласи за нечист.
4 Но ако се покаже дека белата дамка на кожата на неговото тело не е подлабоко отколку и кожата, а влакната на неа не побелеани, тогаш свештеникот нека го осами болниот седум денови.
5 Свештеникот нека го прегледа пак на седмиот ден. Ако утврди со своите очи дека заразата постои уште, но не се шири повеќе по кожата, нека го осами уште седум денови.
6 Нека го прегледа пак на седмиот ден. Ако заразеното место биде помалку забележливо, а болеста не се проширила по кожата, нека го прогласи за чист: тоа е само лишај. Откако ќе ги испере своите облеки, ќе биде чист.
7 Но ако лишајот се прошири по кожата, откако свештеникот го прегледал болниот и го прогласил за чист, нека се јави пак пред свештеникот.
8 Откако свештеникот ќе види дека лишајот се проширил по кожата нека го прогласи за нечист: тоа е лепра.”
9 „Ако се појави лепра на некој, нека го доведат при свештеникот.
10 Свештеникот нека го прегледа. Ако на кожата има бел оток со побелени влакна и со напнат чир,
11 тоа е длабоко вкоренета лепра по кожата на неговото тело. Свештеникот нека го прогласи за нечист и нека го затвори, зашто тој е нечист.
12 Ако лепрата се опсипе по кожата така што ја покрива целата кожа на болниот од главата до нозете - сè што можат да видат свештениковите очи,
13 и свештеникот согледа дека лепрата го покрила целото негово тело, нека го прогласи болниот за чист; зашто сè се претворило во бело; тој е чист.
14 Но во денот кога ќе се појави чир на него, ќе биде нечист.
15 Кога свештеникот ќе го види чирот, нека го прогласи болниот за нечист, тоа е лепра.
16 Но ако чирот се измени во бело, човекот нека дојде кај свештеникот.
17 Свештеникот нека го прегледа: ако раната побелела, свештеникот нека го прогласи болниот за чист - тој е чист.”
18 „Кога некому ќе му се појави чир на кожата и оздравел,
19 и ако таму каде што бил чирот се појави бел оток или местото избледнее и побели, или ако се појави белоцрвеникава дамка, човекот нека му се покаже на свештеникот.
20 Свештеникот нека го прегледа. Ако најде дека кожата е подлабока, а влакната се побелени, свештеникот нека го прогласи за нечист - тогаш тоа е лепра што избувнала од чирот.
21 Ако свештеникот утврди дека влакната не побелеле тука, дека кожата не е подлабока отколку на друго место, дека местото не темнее, нека го одвои болниот седум дена.
22 Ако му се прошири болеста по кожата, свештеникот нека го прогласи за нечист - тоа е лепра.
23 Ако дамката остане на местото и не се прошири, тоа е струп од чирот. Свештеникот нека го прогласи човекот за чист.”
24 „Ако некој има изгореница на кожата, па на изгореното место се појави белоцрвено или бела дамка,
25 свештеникот нека го прегледа тоа. Ако влакната на местото побелат и ако изгледа дека тоа место е подлабоко од кожата, тогаш тоа е лепра што избувна од изгореницата. Свештеникот нека го прогласи за нечист: тоа е лепра.
26 Но ако свештеникот утврди дека влакната не побелеле, дека местото не е подлабоко од кожата и дека е малку забележливо при тоа, нека го оддели сам седум денови.
27 Нека го прегледа на седмиот ден: ако дамката се проширила по кожата, свештеникот нека го прогласи за нечист - тоа е лепра.
28 Ако дамката остане на местото и не се рашири по кожата, тогаш тоа е оток од изгореницата. Свештеникот нека го прогласи човекот за чист: тоа е струп од изгореница.”
29 „Ако се појави болест на главата или на брадата на некој маж или жена,
30 свештеникот нека ја прегледа болеста. Ако утврди дека е подлабока од кожата и дека таму влакната пожолтеле и се истенчиле, свештеникот нека го прогласи болниот за нечист. Тоа е јадеж, односно лепра на главата или на брадата.
31 Но ако свештеникот, откако го прегледа заболеното место, утврди дека не е подлабоко од кожата и дека таму сепак нема црни влакна, свештеникот нека го отстрани јадежливиот за седум денови.
32 На седмиот ден нека го прегледа: ако јадежот не се проширил ниту влакната пожолтеле, па ако изгледа дека јадежот не е подлабок од кожата,
33 болниот нека се избричи - но местото на јадежот нека не го бричи - и свештеникот нека го отстрани за други седум денови.
34 На седмиот ден свештеникот нека го прегледа пак јадежливото место. Ако јадежот не се проширил по кожата, и изгледа дека не е подлабок од кожата, свештеникот нека го прогласи болниот за чист. Тој нека ја испере својата облека и ќе биде чист.
35 Ако се прошири јадежот по кожата откако беше прогласен за чист,
36 свештеникот нека го прегледа повторно. Ако јадежот се проширил по кожата - свештеникот веќе и нека не бара жолти влакна - болниот е нечист.
37 Но ако забележи дека јадежот застана и дека никнаа црни влакна, јадежот е заздравен - тој е чист. Свештеникот нека го прогласи за чист.”
38 „Ако на кожата на некој маж или жена се појават пеги, па ако се тие пеги бели,
39 свештеникот нека ги прегледа. Ако пегите по кожата бидат темнобели, тогаш тоа се лишаи што избувнале по кожата: болниот е чист.”
40 „Ако некому му испаѓа косата од главата; тој е ќелав; тој е чист.
41 Ако му испаѓа косата однапред на главата, тој е ќелав на челото, но е чист.
42 Но ако на ќелавоста или однапред од челото се појави црвенобела болест, тоа е лепра што избувнала на неговата ќелавост или однапред од челото.
43 Свештеникот нека го прегледа. Ако утврди дека дамките се - на ќелавоста или однапред од челото - белоцрвени, на изглед како и лепрата по кожата на телото;
44 човекот станал лепрозен, нечист е. Свештеникот треба да го прогласи за нечист - лепрата му е на главата.”
45 „Оној што ќе стане лепрозен, нека носи распарана облека; косата нека му е непокриена; тој е должен да биде покриен до горната усна и да вика: ‘Нечист! Нечист!’
46 Сè додека е болеста на него нека биде нечист; тој е нечист; нека живее насамо: неговиот дом нека биде надвор од живеалиштето.”
47 „Кога заразата на лепрата се појави на облеката, било на волнена било на ленена,
48 или на основа или на потка од лен или од волна; или на кожа, или на каков и да е кожен предмет;
49 па ако дамките на облеката или на кожата, на основата или на потката, или на каков и да е кожен предмет, биде зеленикаво или црвеникаво, тоа е лепра; па нека му се покаже на свештеник.
50 Свештеникот, откако ќе прегледа што е заразено, нека го стави тоа настрана за седум дена.
51 А на седмиот ден нека ја прегледа заразата. Ако заразата се проширила по облеката, по основата или потката, или по кожата, или по каков и да е кожен предмет, тоа е заразна лепра. Работата е нечиста.
52 Таа облека - било основата било потката, од волна или од лен, или некаквиот кожен предмет за кого заразата се прилепила - се заразила со лепра, нека се изгори во оган.”
53 „Но ако свештеникот види дека заразата не се проширила по облеката - ни по основата ни по потката, ниту по каков и да е предмет од кожа,
54 тогаш нека нареди да биде испрана заразената работа. Потоа нека ја остави повторно насамо седум денови.
55 А ако свештеникот, откако работата била испрана, забележи дека заразеното место не се изменило, сепак, иако болеста не се раширила, работата е нечиста. Нека биде изгорена во оган: гнила е и внатре и однадвор.”
56 „Ако свештеникот забележи дека болеста се намалува по перењето, нека го отсече тоа место, било да е тоа на облеката или на кожата, на основата или на потката.
57 Ако се појави пак на облеката или на кожата, на основата или на потката, или на каков и да е кожен предмет, тогаш тоа е зараза, и заразениот предмет нека биде изгорен во оган.
58 Но ако болеста ја снема од облеката - од основата или од потката - или од каков и да е кожен предмет откако бидат испрани; нека бидат испрани повторно и ќе бидат чисти.”
59 „Тоа е закон за болеста лепра на облека од волна или од лен - на основата или на потката - или на каков и да е предмет од кожа, за да бидат прогласени за чисти или за нечисти.”