1 Господ му рече на Мојсеја:
2 „Кажи им на Израелевите синови и речи им: ‘Господовите празници, што ќе ги свикувате, се свети собири. Овие се Мои празници:
3 Шест дена се работи, а седмиот е сабота - ден на потполн одмор, свет собир, кога не смеете да работите никаква работа. Тоа е Господова сабота во сите ваши живеалишта.’
4 ‘А ова се Господови празници - свети собранија - што ќе ги свикувате во нивно одредено време:
5 Во првиот месец на четиринаесеттиот ден во примрак е Господова Пасха;
6 на петнаесеттиот ден на месецот е Празник на бесквасните лебови на Господ - седум дена јадете бесквасен леб.
7 На првиот ден нека ви биде свето собрание; не работите никаква работа.
8 И во тек на седумте денови принесувајте Му жртви на Господа, а на седмиот ден пак нека биде свето собрание; не работите никаква работа.’”
9 Господ Му рече на Мојсеја:
10 „Кажи им на Израелците и речи им: ‘Кога ќе влезете во земјата, што ви ја давам, и кога ќе ја пожнеете во неа жетвата, донесете му го на свештеникот првиот сноп на својата жетва.
11 Тој нека го раздвижи снопот пред Господа, за да биде примен за вас; свештеникот нека го раздвижи утреден по саботата.
12 А во денот на раздвижувањето на снопот, принесете Му на Господа јагне годиначе, без недостаток како паленица.
13 Покрај тоа лебен принос: две десетини ефа чисто пченично брашно, замесено со масло, како палена жртва на Господа, за пријатен мирис; а со неа налевница од вино: четвртина ин.
14 Пред тој ден - додека не ги донесете приносите на вашиот Бог - не смеете да јадете ни леб, ни пржени зрна, ни свежи класови. Тоа е вечен закон за вашите поколенија каде и да престојувате вие.’
15 ‘А почнувајќи од утрешниот ден по саботата - денот во кој донесувате сноп за движен принос - избројте полни седум седмици.
16 Тогаш на денот по седмата сабота, на Педесетница, принесете Му на Господа нов лебен принос.
17 Донесете му од вашите живеалишта по два леба за движен принос. Секој нека биде од две десетини ефа чисто брашно; нека бидат испечени со квас, како првини на Господа.
18 Со лебот принесете седум јагниња годиначиња без недостаток, еден јунец и два овна како паленица на Господа, заедно со лебен принос и налевница, палена жртва за благопријатен мирис на Господа.
19 Принесете исто и еден јарец како жртва за грев, а две јагниња годиначиња за помирителна жртва.
20 Свештеникот нека ги принесе пред Господа како движен принос со лебот од првите плодови. Покрај двете јагниња и ова е свето на Господа, и нека му припадне на свештеникот.
21 На истиот ден свикајте собир, нека ви биде свет собир, не работите никаква работа. Тоа е вечен закон за вашите поколенија каде и да живеете вие.
22 Кога ќе ја жнеете жетвата на вашата земја, не дожневајте ги докрај вашите ниви, ниту собирајте после вашата жетва. Остави им го тоа на бедните и на придојдениците. Јас Сум Господ, ваш Бог.’”
23 Господ му рече на Мојсеја:
24 „Кажи им на Израелевите синови и речи им: ‘Во седмиот месец, на првиот ден на месецот, нека ви биде потполн одмор, прогласен со звук на труби, свет собир.
25 Не работите никаква работа и принесете Му жртва на Господа.’”
26 Господ му рече на Мојсеја:
27 „Освен тоа, на десеттиот ден на тој месец се паѓа Денот на Очистувањето - имајте свето собрание; смирете ги вашите души и принесете Му жртва на Господа.
28 Никаква работа не работите во тој ден; зашто тоа е Ден на Очистување, за да ве очисти вас пред Господа, вашиот Бог.
29 А секоја душа, која не ќе се смири во тој ден, ќе биде истребена од својот народ.
30 А кој би работел некаква работа во тој ден, Јас ќе го истребам него од неговиот народ.
31 Не работите никаква работа; тоа е вечен закон за вашите поколенија, во сите ваши живеалишта.
32 Тоа нека ви биде сабота на починка; смирете ги вашите души! Вечерта на деветтиот ден на месецот - од вечер до вечер - празнувајте ја вашата сабота.”
33 Господ му рече на Мојсеја:
34 „Речи им на Израелците: ‘Од петнаесеттиот ден на седмиот месец нека се празнува седум дена Празникот на сениците, во чест на Господа.
35 На првиот ден, во денот на светиот собир, не работите никаква работа.
36 Седум дена принесувајте Му жртва на Господа. На осмиот ден нека ви биде свето собрание, кога ќе Му принесете жртва на Господа. Тоа е свечено собрание, не работите никаква работа.’
37 ‘Тоа се Господови празници, во кои ќе свикувате свети собранија, за да Му принесувате жртви на Господа: паленици, лебни приноси, жртви закланици и налевници, секоја во нејзин определен ден,
38 освен Господовите саботи, и освен вашите дарови, освен вашите завети и освен доброволните подароци што Му ги принесувате на Господа.’
39 ‘А на петнаесеттиот ден во седмиот месец, откако ќе ги соберете плодовите на земјата, празнувајте Господов празник седум дена. На првиот и на осмиот ден нека е починка.
40 На првиот ден земете: убави плодови, палмини гранки; гранчиња од широколисни дрва и од речни врби, и веселете се пред вашиот Господ Бог седум дена.
41 Прославувајте го Господовиот празник седум дена во годината. Тоа е вечен закон за вашите родови. Празнувајте го во седмиот месец.
42 Живејте под шатори седум дена. Сите родени Израелци нека престојуваат под шаторите,
43 за да знаат вашите поколенија, дека Јас ги населив Израелевите синови под шатори, кога ги изведов од Египетската Земја. Јас Сум Господ, ваш Бог.’”
44 И така Мојсеј им ги објави на Израелците Господовите празници.