1 На осмиот ден Мојсеј ги повика Арона и неговите синови и израелевите старешини,
2 и му рече на Арона: „Земи едно теле за жртва за грев и еден овен за паленица, двата без недостаток, и принеси ги пред Господа.
3 А на синовите Израелеви речи им вака: ‘Земете еден јарец за жртва за грев, теле и јагне годиначе, без недостаток, за паленица;
4 а јунец и овен за помирителна жртва за да ги жртвувате пред Господа; најпосле лебен принос, замесен со масло; зашто Господ ќе ви се јави денес.’”
5 Тие доведоа пред Шаторот на средбата што им нареди Мојсеј; сета заедница истапи напред и застана пред Господа.
6 „Ова е повелбата - рече Мојсеј - што Господ ја даде. Извршете ја, за да ви се покаже Господовата слава.”
7 Потоа Мојсеј му рече на Арона: „Пристапи кон народот, принеси ја твојата жртва за грев и твојата паленица; и направи покривање на гревот за себеси и народот, и принеси принос од народот, и направи покривање на гревот за него, како што Господ нареди.”
8 Арон му пристапи на жртвеникот и закла теле како жртва за својот сопствен грев.
9 Ароновите синови му донесоа крв, па го накваси својот прст во крвта и ја стави врз роговите на жртвеникот. Потоа ја излеа другата крв во подножјето на жртвеникот.
10 А лојот, бубрезите и мрежичката на црниот дроб од жртвата за грев ги изгоре на жртвеникот, како што Господ му нареди на Мојсеја.
11 Месото и кожата ги изгоре во оган надвор од логорот.
12 И закла паленица, од која Ароновите синови му ја подадоа крвта. Тој со неа го попрска жртвеникот од сите страни.
13 Му ја дадоа и паленицата, дел по дел, а така и главата, и тој ја изгоре на жртвеникот.
14 Ги изми внатрешноста и нозете, па и нив ги изгоре на жртвеникот над паленицата.
15 Потоа принесе принос од народот. Го зеде јарецот за грев што е за народот, го закла и го принесе како жртва за грев, како и поранешната.
16 И принесе паленица и ја принесе според уставот.
17 И принесе лебен принос, ја наполни раката од него и го изгоре на жртвеникот врз утринската паленица.
18 Потоа закла јунец и овен како помирителна жртва од народот. Ароновите синови му ја подадоа крвта, а тој го попрска жртвеникот од сите страни;
19 му го дадоа и лојот од јунецот и од овенот, опашката, лојот околу внатрешноста, бубрезите и мрежичката на црниот дроб.
20 Откако го положи лојот на градите, го изгоре на жртвеникот.
21 А градите и десната плешка ги принесе како вртена жртва пред Господа, како што нареди Мојсеј.
22 А Арон ги подигна своите раце кон народот и го благослови. Откако ги принесе: жртвата за грев, паленицата и помирителната жртва, слезе.
23 Потоа Мојсеј и Арон влегоа во Шаторот на средбата. Кога излегоа го благословија народот. Господовата слава му се покажа на целиот народ.
24 Оган излезе од пред Господа и ги изгоре паленицата и лојта. Целиот народ го виде тоа, воскликна од радост и падна на своето лице.