Левит (3 Moj.) 16 MKB

1 По смртта на двајцата Аронови синови, кои загинаа принесувајќи му на Господа непосветен оган, Господ му проговори на Мојсеја:

2 Господ му рече на Мојсеја: „Кажи му на брата си Арона да не влегува во секое време во Светилиштето зад завесата, пред Очистилиштето, што е врз ковчегот за да не загине. Зашто Јас ќе се појавувам над Капакот во облак.

3 Арон нека влегува во Светилиштето вака: со јунец за принос за грев и со овен за паленица.

4 Нека се облече во осветен ленен хитон-кошула; нека облече ленени гаќи на своето тело; нека се препаше со ленен појас, а на главата нека стави ленена митра-капа. Тоа се свети облеки, што ќе ги облече откако ќе се искапе во вода.

5 И нека прими од Израелевата заедница: два јарци за принос за грев и еден овен за паленица.”

6 „Откако Арон ќе го принесе јунецот за принос за грев за себе и ќе направи покривање на гревот за себеси и својот дом,

7 нека ги земе двата јарци и нека ги стави пред Господа при влезот во Шаторот на средбата.

8 Арон нека фрли жрепка за двата јарци и нека го одреди едниот со жрепка за Господа, а другиот за отпуштање.

9 Арон нека го принесе за жртва за грев јарецот, на кого жрепката падна да биде Господов.

10 А јарецот на кого жрепката падна да биде за отпуштање, нека биде поставен жив пред Господа, за да биде извршено покривање на гревот со него и за да биде испратен во пустината за отпуштување, (и за да ги понесе на себе нивните безаконија во непроодна земја).

11 „Потоа Арон нека приведе јунец за принос за грев за себе и нека направи покривање на гревот за себеси и својот дом; и нека го заколе јунецот како жртва за грев за себе.

12 Потоа нека земе кадилница, полна со вжарени јаглења од жртвеникот, што е пред Господа, и два полни грста благомирислив темјан, истолчен во прав. Нека го внесе тоа зад завесата.

13 Сега нека го стави темјанот во огнот пред Господа, за димот од темјан да го покрие Капакот над Сведоштвото. Така нема да загине.

14 Потоа нека земе крв од јунецот и нека ја попрска, со својот прст, источната страна на Капакот; а пред Капакот нека попрска со својот прст седум пати со крвта.

15 Потоа нека го заколе јарецот за принос за грев за народот; нека ја внесе неговата крв зад завесата и нека направи со неговата крв како што сторил со крвта од јунецот: нека попрска со неа по Капакот и пред него.

16 И ќе го покрие од грев Светилиштето заради нечистотиите на Израелевите синови и од нивните престапи, во сите нивни гревови. А така нека направи и за Шаторот на средбата што се наоѓа среде нив, меѓу нивните нечистотии.

17 Кога тој ќе влезе да го очистува Светилиштето, нека нема никој друг во Шаторот на средбата додека не излезе тој. Откако ќе го изврши очистувањето за себе, за својот дом и за целото Израелско општество,

18 нека отиде кон жртвеникот што се наоѓа пред Господа и нека го очисти, па нека земе крв од јунецот и крв од јарецот и нека ја положи на роговите на жртвеникот од сите страни.

19 Нека го попрска жртвеникот, со својот прст, од истата крв седум пати. Така ќе го очисти, и ќе го освети, од нечистотиите на Израелевите синови.”

20 „Кога ќе го сврши очистувањето на Светилиштето, Шаторот на средбата и жртвеникот, нека го приведе живиот јарец.

21 Арон нека ги стави своите раце на главата на живиот јарец и нека ги исповеда над него сите беззаконија на Израелците, сите нивни престапи и сите нивни гревови. Откако ќе ги положи така на главата на јарецот, нека го испрати во пустината преку раката на определениот човек за тоа.

22 Така јарецот ќе ги однесе со себе сите нивни беззаконија во непроодна земја и тој нека го пушти јарецот во пустина.”

23 „А Арон нека влезе во Шаторот на средбата, нека ги соблече од себе ленените облеки, во кои беше облечен кога влегуваше во Светилиштето, и нека ги остави таму.

24 Потоа нека го измие своето тело со вода на свето место и нека ја облече на себе својата облека, па нека излезе за да ги принесе: својата жртва паленица и паленицата на народот и ќе се очисти себеси, и народот.

25 А лојот од жртвата за грев нека го изгори на жртвеникот.

26 Оној кој го одведе јарецот на отпуштање нека ја испере својата облека, нека го измие своето тело во вода, и потоа пак може да влезе во логорот.

27 А јунецот за грев и јарецот за грев, чија крв беше внесена во Светилиштето за покривање на гревот, нека ги изнесат надвор од логорот па нека ги изгорат во оган нивните кожи, нивното месо и нивната нечистота.

28 Кој ќе ги гори, нека ја испере својата облека, нека го искапе своето тело во вода, и после тоа пак може да дојде во логорот.”

29 „Овој закон нека биде вечен за вас: во седмиот месец, на десеттиот ден на месецот, смирете ги вашите души и не вршете никаква работа: ни домородецот ни странецот, кој е населен меѓу вас.

30 Зашто на тој ден ќе биде извршено над вас покривање на гревовите, за да бидете чисти, пред Господа, од сите ваши гревови.

31 Нека ви биде тоа саботна починка, за да ги успокоите вашите души. Тоа е вечен закон.

32 Покривањето на гревовите нека го изврши оној свештеник, кој е помазан и посветен за вршење на свештеничка служба место татка си. Нека се облече во ленени облеки - свети облеки.

33 Тој нека направи очистување на Светилиштето, очистување на Шаторот на средбата и жртвеникот; и нека ги очисти свештениците и целото народно општество.

34 Така, ова нека биде за вас вечен закон: еднаш годишно да бидат очистувани Израелевите синови од сите нивни гревови.” Тој направи како што Господ му нареди на Мојсеја.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27