Левит (3 Moj.) 3 MKB

1 ‘Ако некој принесува помирителна жртва и ако принесе говедо - женско или машко - нека е без недостаток што Му принесува на Господа.

2 Нека ја положи својата рака врз главата на својата жртва и нека ја заколе при влезот на Шаторот на средбата. Потоа Ароновите синови, свештениците, нека ги испрскаат со крвта сите страни на жртвеникот.

3 И нека ги принесе од помирителната жртва, како паленица: маста што ја обвиткува внатрешноста, сето сало што е околу внатрешноста;

4 двата бубрега и лојот што е на нив и на слабините; и мрежичката што е на црниот дроб; нека ја извади и неа со бубрезите.

5 Потоа Ароновите синови нека го изгорат тоа на жртвеникот заедно со паленицата, што ќе биде врз дрвата на огнот: тоа нека е жртва палена на Господа за пријатен мирис.’

6 ‘Ако некој Му принесува на Господа помирителна жртва од ситниот добиток, нека принесе без недостаток, било машко или женско.

7 Ако принесува јагне како дар, нека го принесе пред Господа.

8 Нека ја положи својата рака на главата на својата жртва и нека го заколе пред Шаторот на средбата. Потоа Ароновите синови нека ги испрскаат со неговата крв сите четири страни на жртвеникот.

9 Од помирителната жртва нека Му принесат паленица на Господа: лојта, целата опашка слината до ‘рбетникот; лојот што ја обвиткува внатрешноста;

10 двата бубрега и лојот што е на нив и на слабините; па мрежичката од црните дробови: нека ја извади и неа со бубрезите.

11 Свештеникот нека го изгори тоа на жртвеникот - како храна на огнот за Господа.’

12 ‘Ако принесува коза, нека ја принесе пред Господа:

13 нека ја положи својата рака на главата на својата жртва и нека ја заколе пред Шаторот на средбата. Потоа Ароновите синови да ги попрскаат со нејзината крв сите четири страни на жртвеникот.

14 Тогаш нека Му ги принесе на Господа како паленица: лојот што ја обвиткува внатрешноста, сиот лој што е околу внатрешноста;

15 двата бубрега и лојот што е на нив и на слабините; па мрежичката на црниот дроб, нека ја извади и неа со бубрезите.

16 Тогаш свештеникот нека ги изгори на жртвеникот - палена жртва на Господа за пријатен мирис; сиот лој е Господов.

17 Ова нека им биде вечен закон на сите ваши поколенија, во кое место и да престојувате: не смеете да јадете ни лој ни крв.’”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27