Левит (3 Moj.) 2 MKB

1 ‘Ако некој сака да Му принесе на Господа жртва лебен принос, неговиот дар нека биде од чисто брашно; нека го излее со елеј и нека стави темјан на него.

2 Тогаш нека им го донесе на Ароновите синови, на свештениците. И нека земе полн грст брашно со маслото и со сиот темјан и свештеникот нека го изгори тоа на жртвеникот, за спомен. Тоа е жртва палена на Господа за пријатен мирис.

3 А што ќе остане од лебниот принос нека им припадне на Арона и на неговите синови - најсветото од Господовите жртви.’

4 ‘Ако сакаш да принесеш лебен принос печен во печка, тоа нека бидат бесквасни погачи од чисто брашно, замесени со масло, или бесквасни кори, намачкани со масло.

5 Ако твојот дар биде лебен принос печен во сад за пржење, нека биде од чисто брашно, бесквасен и замесен со масло.

6 Раскрши го на делови и излеј масло на нив: тоа е лебен принос.

7 Ако твојот лебен принос е варен во сад за варење, нека биде од чисто брашно со масло.

8 Принесувај Му на Господа лебен принос направен така! Нека му биде предаден на свештеникот, а тој ќе го принесе кон жртвеникот.

9 Свештеникот нека оддели дел од лебниот принос, за спомен, па нека го изгори на жртвеник: како жртва паленица на Господа за пријатен мирис!

10 А остатоците од лебниот принос за Арона и за неговите синови - тоа е најсветото од Господовите жртви.’

11 ’Никаков лебен принос, што ќе му го принесуваш на Господа, да не биде правен со квас, зашто не смееш да гориш ни квас ни мед како жртва паленица за Господа.

12 Принесувајте ги како приноси од првите плодови; но нека не бидат горени на жртвеникот за пријатен мирис.

13 Посоли го секој свој лебен принос. Не оставај ги твоите лебни приноси без солта на Заветот со твојот Бог: при секој твој принос принесувај и сол.’

14 ‘Ако му принесуваш на Господа лебен принос од првите плодови, принеси во дар од твоите првини од класјето, пржени на оган, или брашно од сомлени зрна.

15 И излеј масло и стави темјан врз него: тоа е лебен принос.

16 А свештеникот нека ги изгори: дел од зрната и маслото со сиот темјан, како жртва паленица на Господа.’

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27