1 Господ му рече уште на Мојсеја:
2 „Ако некој згреши и направи престап пред Господа, измамувајќи го својот ближен за нешто што му е доверено нему или за залог, а исто и со кражба или со исползување на својот ближен;
3 или, ако најде нешто загубено, па излаже и се заколне криво, во било кој и да е грев што човек може да го стори;
4 ако некој згреши така и стане виновен, тогаш она што го одзеде со кражба или што го придоби со искористување; или нештото што му беше доверено; или загинатата работа што ја нашол;
5 или она за што се заколнал лажно - нека биде вратено целосно и, додавајќи му петина на тоа, нека му го даде на оној кому што му припаѓа, во истиот ден кога ќе ја сознае својата вина.
6 Потоа на свештеникот за надомест, како принос за престап на Господа, нека му доведе од своето стадо овци еден овен без недостаток, според твоја процена,
7 И свештеникот ќе направи да се покрие вината пред Господа, и ќе му биде простено, што и да сторил, сè, со што станал виновен.”
8 Господ му рече уште на Мојсеја:
9 „Нареди им на Арона и на неговите синови: обредот за жртва паленица е ваков: жртвата паленица нека остане на жарта во жртвеникот цела ноќ до утрото; и оган нека гори непрекратно на жртвеникот.
10 Свештеникот нека облече врз себе ленена кошула, нека навлече ленени гаќи врз своето тело; потоа нека ја собере пепелта во што огнот ја претвори паленицата на жртвеникот, и нека ја остави покрај жртвеникот.
11 Потоа нека ја соблече својата облека и нека облече друга, па нека ја однесе пепелта на чисто место надвор од логорот.
12 Огнот на жртвеникот треба да гори секогаш; не смее да гасне. Секое утро, свештеникот нека реди дрва и тогаш нека ја положи жртвата паленица врз него. Таму нека го изгорува лојот од помирителната жртва.
13 Огнот на жртвеникот нека гори непрекратно; нека не гасне.”
14 „Ова е закон за лебниот принос: Ароновите синови нека го принесуваат во присуство на Господа пред жртвеникот.
15 Откако еден од нив земе грст чисто брашно и масло од лебниот принос и сиот темјан што ќе биде на него, откако тоа ќе го изгори на жртвеникот како спомен-жртва, пријатен мирис пред Господа,
16 остатокот - во вид на бесквасни лебови - нека го изедат Арон и неговите синови; нека го јадат на посветеното место: во дворот на Шаторот на средбата.
17 Нека не се пече со квас. Тоа е дел од жртвите, палени за Мене, што Јас им го давам - најсветиот дел, исто како и приносот за грев и приносот за престап.
18 Секое машко од Ароновото потомство може да го јаде тој дел од жртвите палени на Господа, и тоа е вечен закон за сите ваши поколенија: кој и да се допре до нив, ќе биде осветен.”
19 Господ му рече уште на Мојсеја:
20 „Арон и неговите синови, на денот на нивното помазание, нека Му го принесат на Господа овој принос: десетина ефа од чисто пченично брашно како редовен лебен принос, половина наутро, а половина навечер.
21 Нека биде зготвен во сад за пржење со масло. Донеси го добро наквасен и принеси Му го на Господа како пријатен мирис.
22 Така нека го зготви свештеникот, кој - од неговите синови - ќе биде помазан за да го наследи. Тоа е вечен закон. Тоа нека се изгорува цело за Господа!
23 Секој свештенички лебен принос треба да биде изгорен сосем; од него да не се јаде.”
24 Господ му рече уште на Мојсеја:
25 „Кажи им на Арона и на неговите синови: ‘Ова е закон за принос за грев: жртвата за грев нека биде заклана пред Господа на местото каде се коле жртва паленица - најсвета е!
26 Свештеникот кој ја принесува жртвата за грев нека јаде од неа; таа нека биде јадена на свето место, во дворот на Шаторот на средбата.
27 Секој што ќе се допре до нејзиното месо, ќе биде посветен; ако крвта ја испрска облеката, испрсканиот дел нека биде испран на свето место.
28 А садот од глина, во кој ќе биде варено месото, нека биде скршен; а ако биде варено во бронзен сад, нека се истрие и нека се измие со вода.
29 Секое машко од свештеничкиот род може да јаде од неа - пресвета е!
30 Но ниедна жртва за грев - од која крвта е донесена во Шаторот на средбата за покривање на гревот во Светото место - нека не се јаде, туку да биде изгорена на оган.’