Левит (3 Moj.) 7 MKB

1 ‘Еве го законот за жртва за престап: таа е најсвета!

2 Жртвата за престап нека биде заклана на местото каде ги колат жртвите паленици, а со нејзината крв свештеникот нека го испрска жртвеникот од сите страни.

3 Потоа нека го принесе сиот лој од неа: опашката, лојот што ја обвива внатрешноста,

4 двата бубрега и лојот што е на нив и на слабините; па мрежичката на црниот дроб: нека ја извади и неа со бубрезите!

5 Свештеникот нека ги изгори на жртвеникот како жртва палена на Господа. Тоа е жртва за престап.

6 Секое машко од свештеничкиот род може да јаде од неа. Нека се јаде на свето место - најсвета е!

7 Каква е жртвата за грев, таква е и жртвата за престап, еден е законот за нив: таа му припаѓа на свештеникот, кој врши покривање на гревот со неа.

8 Исто така кожата од жртвата што некој ќе му ја предаде на свештеникот, за да биде принесена како жртва паленица, нека му припадне на свештеникот.

9 Натаму, секој лебен принос што ќе биде печен во печка како и секој што ќе биде зготвен во грне или во сад за пржење, нека му припадне на свештеникот кој го принесува.

10 А секој лебен принос, замесен со масло или насуво, нека им припадне на сите Аронови синови, на еднаков дел!’

11 ‘Ова е законот за помирителната жртва што ќе Му биде принесувана на Господа.

12 Ако се принесува за благодарност, заедно со жртвата благодарница нека бидат принесени бесквасни погачи замесени со масло; бесквасни кори намачкани со масло и колачиња од чисто брашно, замесени со масло.

13 Овој принос, надополнет со колачиња од заквасено тесто, нека се принесува заедно со помирителната жртва за благодарност.

14 Од секоја ваква жртва нека Му се принесе по еден возвишен принос на Господа. Тоа нека биде за свештеникот што ја прска крвта од помирителната жртва.

15 А месото од помирницата нека биде изедено во истиот ден кога ќе биде жртвувана; од неа нека не се остава ништо за следното утро.

16 А ако биде приносот: жртва заветница или доброволен принос нека биде изедена на денот кога жртвата се принесува. Што ќе остане од неа, нека биде јадено следното утро.

17 А што ќе остане уште од месото на жртвата, нека биде изгорено врз оган на третиот ден.

18 Ако некој јаде месо од помирителната жртва на третиот ден, жртвата нема да биде примена, ниту ќе му се засмета на оној кој ја принесува. Таа жртва е онечистена, и оној што ќе јаде од неа, ќе понесе грев врз себе!’

19 ‘Месото што ќе се допре до што и да е нечисто, нека не се јаде, туку да биде изгорено на оган! Инаку кој е чист, може да јаде чисто месо.

20 А кој би јал нечисто од месото на помирителната жртва, што Му беше принесена на Господа, да биде истребена таа душа од својот народ.

21 Кога некој ќе се допре до што и да е нечисто - било тоа да е човечка нечистота, некакво нечисто животно или каква и да е нечиста гадинка или какво и да е нечисто суштество - па изеде месо од помирница, што Му е принесена на Господа, таквиот нека биде откорнат од својот народ!’”

22 Господ му рече на Мојсеја:

23 „Речи им на Израелевите синови вака: ‘Не јадете лој ни волски, ни овчи, ни козји.

24 Лојот од животно што ќе пцовиса, или што дивите ѕверови ќе го раскинат, може да биде употребено за што и да е, но не смеете да го јадете.

25 Секој што јаде лој од животно, што може да Му биде принесено на Господа како паленица, таквиот нека биде откорнат од својот народ.

26 Не смеете да јадете крв ни од птици ни од добиток, ниту во едно од вашите живеалишта.

27 Секој што би јал било каква крв, нека биде откорнат од својот народ.’”

28 Господ му рече уште на Мојсеја:

29 „Кажи им на Израелевите синови: ‘Приносот на Господа од помирителната жртва треба да ја донесе оној кој Му ја принесува на Господа помирницата.

30 Со своите сопствени раце нека Му ја принесе на Господа жртвата паленица; нека ги принесе лојот и градите; градите да бидат вртени пред Господа.

31 Свештеникот нека го изгори лојот на жртвеникот, а градите нека им припаднат на Арона и на неговите синови.

32 Десната плешка од вашите помирителни жртви дајте му ја дар на свештеникот.

33 На оној Аронов син кој ќе ги принесува крвта и лојот од помирителната жртва нека му припадне во дел десната плешка.

34 Зашто Јас ги земам од Израелевите синови од нивните помирници: вртените гради и воздигнатите плешки, па им ги предавам на Арона и на неговите синови, како вечен закон од Израелевите синови.’”

35 Ова е приход на Арона и на неговите синови од жртвите палени во чест на Господа; им се доделуваат од оној ден, кога започнуваат да служат како свештеници пред Господа.

36 Господ заповеда да им се дава тоа, од денот кога ќе бидат помазани, како награда од Израелците. Тоа е трајна одредба за нивните поколенија.

37 Тоа е закон за жртвата паленица, за лебниот принос, за приносот за грев, за приносот за престап, за жртвата за посветување и за помирителната жртва,

38 што Господ му го даде на Мојсеја на Синајската Гора, кога им заповеда на Израелевите синови да Му принесуваат жртви на Господа во Синајската Пустина.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27