1 Господ му рече на Мојсеја:
2 „Кажи им на Израелците: ‘Кој - Израелец или странец - ќе му го отстапи своето чедо на Молоха треба да биде погубен; народот на земјата нека го каменува.
3 Јас ќе се свртам против тој човек и ќе го истребам од неговиот народ, зашто тој, давајќи му го своето чедо на Молоха, го онечистил Моето Светилиште и го обесчестил Моето свето име.
4 А ако народот ги затвори своите очи над човекот, кога ќе му го даде своето чедо на Молоха, и не го погуби,
5 Јас ќе им се спротивставам на човекот и на неговото семејство; ќе ги истребам од нивниот народ, него и сите кои, после него, ќе тргнат по Молоха да му се подаваат на блуд со Молоха.’
6 ‘Ако некој им се обрати на повикувачи на духови и на вражалци, за да оди блудно по нив, Јас ќе се свртам против таквиот човек и ќе го истребам од неговиот народ.
7 Осветувајте се за да бидете свети, зашто Јас Сум Господ, ваш Бог.
8 Пазете ги Моите закони и исполнувајте ги, зашто Јас Господ ве осветувам вас.
9 Кој ќе го проколне татка си или мајка си, нека биде погубен. Зашто ги проколна татка си и мајка си, неговата крв нека падне на него.’
10 ‘Човек кој ќе прељубодејствува со мажена жена; кој ќе изврши прељуба со жената на својот ближен, нека биде казнет со смрт; и прељубникот и прељубницата.
11 Човек кој ќе легне со жената на татка си - би ја открил голотата на својот татко - обата нека бидат казнети со смрт, нивната крв нека падне на нив.
12 Ако некој легне со својата снаа, двата нека бидат казнети со смрт. Направија родосквернавење, и нивната крв нека падне на нив.
13 Ако маж легне со маж, како со жена, двајцата ќе направат одвратно и гнасно дело; нека и бидат предадени на смртта, тоа е крајна гнасотија.
14 Ако некој се ожени со ќерката и мајка и - тоа е крајна расипаност: нека бидат изгорени и тој и тие, за да нема беззаконие меѓу вас.
15 Човек кој би општел полово со животно нека биде погубен, убијте го и животното.
16 Ако жена отиде при какво и да е животно, за да општи полово со него; убијте ги жената и животното; нека бидат погубени, нивната крв нека падне на нив.’
17 ‘Ако некој се ожени со својата сестра, со ќерката на татка си или со ќерката на мајка си, па ја видел нејзината голота, а таа ја видела неговата - тоа е срамно дело! - нека бидат истребени пред очите на нивниот народ. Тој ја открил голотата на својата сестра - нека го понесе своето беззаконие.
18 Ако некој легне со жена во време на нејзиниот месечен ред и ја открил нејзината голота, го разголил изворот на нејзината крв и таа сама го открила течењето на својата крв; обата нека бидат истребени од својот народ.
19 Не откривај ја голотата на сестрата на мајка си ниту на сестрата на татка си - тоа е откривање на голотата на својот род; тие нека го понесат своето беззаконие.
20 Кој ќе легне со својата стрина, би ја открил голотата на стрина си. Нека ги сносат последиците на својот грев: нека умрат без пород.
21 Ако некој би се оженил со жената на брата си - би ја открил голотата на брата си; тоа е нечисто: нека останат бездетни.’
22 ‘Затоа пазете ги Моите закони, сите Мои заповеди, и исполнувајте ги, за да не ве изблува од себе земјата, во која што ве водам за да се населите во неа.
23 Не постапувајте според обичаите на народите што Јас ги гонам пред вас, зашто тие го правеа сè тоа и затоа ми се згади од нив.
24 А Јас ви реков вам: „Вие ќе ја завладеете нивната земја; ќе ви ја предадам вам во наследство: земјата во која течат млеко и мед.” Јас Сум Господ, ваш Бог, Кој ве оддели вас од сите народи.
25 Разликувајте чисто животно од нечисто, чиста птица од нечиста; и не онечистувајте се сами себеси ни со животно, ни со птица, ниту со што и да е што ползи по земјата: што Јас ви ги одделив како нечисти.
26 Бидете свети пред Мене, зашто Јас, Господ, Сум свет; Јас ве одделив од народите, за да бидете Мои.’
27 ‘Маж или жена кои, меѓу вас, ќе станат повикувачи на духови на мртви или ќе вражаат, нека бидат казнети со смрт; нека бидат каменувани, а нивната крв нека падне на нив.’”