1 Господ му рече на Мојсеја:
2 „Кажи им на Израелевите синови вака: ‘Ако некој и згреши од незнаење на која и да е Господова заповед и стори нешто што е забрането да се прави;
3 ако помазаниот свештеник согреши и навлече вина врз народот, тогаш за гревот што го сторил нека Му принесе на Господа едно грло крупен добиток, еден јунец без недостаток, како жртва за грев.
4 Нека го доведе јунецот пред Господа до влезот во Шаторот на средбата; нека ги положи своите раце на главата на јунецот и нека го заколе пред Господа.
5 Тогаш помазаниот свештеник нека ја земе крвта од јунецот и нека ја донесе во Шаторот на средбата.
6 И свештеникот нека го накваси својот прст во крвта и со крвта нека ја попрска седумпати предната страна на завесата на Светилиштето пред Господа.
7 Свештеникот нека ги помаже со крвта роговите на жртвеникот за благомирисливо кадење, што се дими пред Господа во Шаторот на средбата. Сета останата крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот за паленици, што се наоѓа при влезот во Шаторот на средбата.
8 Нека ги извади од јунецот принесен за грев: лојот што ја обвиткува внатрешноста;
9 двата бубрега и лојот што е на нив и на слабините, мрежичката од црниот дроб; нека ја извади и неа со бубрезите;
10 онака како што се зема дел од вол за помирителна жртва. Потоа свештеникот нека ги изгори на жртвеникот како паленица.
11 Кожата од јунецот, сето негово месо, неговата глава, неговите нозе, внатрешноста и неговата нечистота
12 - целиот јунец - нека ги изнесе на чисто место надвор од логорот каде се истурува пепелта - и нека го изгори на оган од дрва; нека биде изгорен таму на пепелта.’
13 ‘Ако целата израелска заедница згреши од незнаење, сторувајќи нешто што Господ го забранил па ако така станат виновни, а не се свесни за вината,
14 тогаш, кога ќе се дознае за сторениот престап, општеството нека принесе еден јунец како жртва за грев. Нека го доведат пред Шаторот на средбата.
15 Тука, пред Господа, старешините на заедницата нека ги положат своите раце на главата на јунецот. И нека го заколат јунецот пред Господа.
16 А помазаниот свештеник нека донесе од крвта на јунецот во Шаторот на средбата;
17 свештеникот нека го накваси својот прст во крвта и нека ја попрска седумпати предната страна на завесата, пред Господа.
18 Потоа нека стави крв на роговите на жртвеникот што се наоѓа пред Господа во Шаторот на средбата. Сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот за паленици, што се наоѓа на влезот во Шаторот на средбата.
19 Нека го извади од него сиот лој и нека го изгори на жртвеникот.
20 Нека направи со јунецот како што стори и со оној што беше принос за грев - така нека направи и со него. И откако свештеникот ќе направи покривање за нивниот гревот, ќе им биде простено.
21 Нека го однесе јунецот надвор од логорот и нека го изгори како што го изгоре и првиот јунец. Тоа е жртва за грев на општеството.’
22 ‘Ако кнез згреши од незнаење и направи нешто што Господ, неговиот Бог, го забранил и така стане виновен,
23 тогаш, кога ќе го известат за престапот што го сторил нека донесе како свој принос машко јаре без недостаток.
24 Откако ќе ја положи својата рака на главата на јарето, нека го заколе на местото каде се коле паленица пред Господа. Тоа е жртва за грев.
25 Свештеникот нека земе со својот прст крв од приносот за грев, па нека ја стави на роговите на жртвеникот за паленици. А сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот за паленици.
26 Сиот лој нека го изгори на жртвеникот како и лојот од помирителна жртва. И така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, и ќе му биде простено.’
27 ‘Ако некој од народот на земјата згреши од незнаење, правејќи нешто што Господ забранил и така согрешил,
28 тогаш, кога ќе му биде посочен престапот што го сторил, нека донесе женско јаре без недостаток како свој принос за гревот што го направил.
29 Нека ја положи својата рака на главата на жртвата за грев и нека ја заколе жртвата за грев на местото за паленици.
30 Свештеникот нека земе крв на својот прст и нека ја стави на роговите на жртвеникот за паленици. А сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот.
31 Потоа нека го извади сиот нејзин лој како што се вади лој од жртва помирница; па свештеникот нека го изгори на жртвеникот како благопријатен мирис на Господа. И така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, и ќе му биде простено.’
32 ‘Ако некој сака да доведе јагне како жртва за грев, нека доведе женско без недостаток.
33 Откако ќе ја положи својата рака на главата на приносот за грев, нека го заколе како жртва за грев на местото каде се колат паленици.
34 Тогаш свештеникот нека земе крв од жртвата за грев на својот прст па нека ја стави на роговите на жртвеникот за паленици. А сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот.
35 Потоа нека го извади сиот нејзин лој како што се вади лој од помирителна жртва, од јагне. Свештеникот нека го изгори тоа на жртвеникот како принос на Господа. И така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, што го сторил, па ќе му биде простено.’