Левит (3 Moj.) 19 MKB

1 Господ му рече на Мојсеја:

2 „Зборувај му на целото општество на Израелевите синови и речи им: ‘Бидете свети, зашто Сум свет Јас Господ, ваш Бог!

3 Бојте се секој од својата мајка и од својот татко; и пазете ги Моите саботи; Јас Сум Господ, ваш Бог!

4 Не обратувајте им се на идолите и не правете си леани богови. Јас Сум Господ, ваш Бог!’

5 ‘Кога ќе Му принесувате на Господа помирителна жртва, принесете ја така за да биде примена.

6 Изедете ја на денот на принесувањето или утреден. Што ќе остане за задутре нека биде изгорено во оган.

7 Ако се јаде од неа на третиот ден, ќе биде одвратно; а жртвата нема да биде примена.

8 А кој ќе јаде нека ги понесе последиците од гревот; зашто тој ја онечистил Господовата светина; таквиот нека биде истребен од својот народ!’

9 ‘Кога ќе жниете жетва во вашата земја, не дожневајте ги до крај вашите ниви; ниту собирајте ги класовите по вашата жетва.

10 Не бери го повторно твоето лозје; не собирај ги паднатите зрна во твоето лозје; туку остави ги за бедните и за странецот! Јас Сум Господ, ваш Бог.’

11 ’Не крадете; не лажете го и не мамете го својот ближен.

12 Не колнете се лажно во Моето име и не осквернувај го името на твојот Бог. Јас Сум Господ!

13 Не искористувај го твојот ближен, ниту го ограбувај! Платата на наемникот нека не остане кај тебе до утрото.

14 Не проколнувај го глувиот, ниту ставај пречка пред слепиот. Бој се од твојот Бог! Јас Сум Господ!’

15 ‘Не правете неправди во судот! Не биди пристрасен кон бедниот, ниту попуштај пред големиот: суди му по правда на твојот ближен!

16 Не разнесувај клевети меѓу твојот народ и не станувај против животот на твојот ближен. Јас Сум Господ!’

17 ‘Не мрази го твојот брат во твоето срце! Должност ти е да го кориш твојот ближен, така не ќе паднеш во грев заради него.

18 Не се одмаздувај и немај злоба кон синовите на твојот народ. Љуби го својот ближен како себеси. Јас Сум Господ!’

19 ‘Пазете ги Моите заповеди! Не оставај го твојот добиток да се спарува со друг вид. Не засевај ја твојата нива со два вида семе. Не облекувај се во облека од два вида ткаенина.’

20 ‘Ако некој преспие со робинка, која е свршена за друг, но уште не е откупена ниту и е дадена слободата: треба да бидат казнети, но не со смрт, зашто таа не е слободна.

21 Тој нека Му принесе на Господа, при влезот во Шаторот на средбата, принос за престап, овен како жртва за својот престап.

22 И свештеникот ќе направи да му се покрие гревот, пред Господа, со овенот за престап од сторениот грев, и ќе му биде простен гревот што го направил.’

23 ‘Кога ќе влезете во земјата и кога ќе засадите каква и да е овошка, сметајте ги нејзините плодови за необрезани. Три години нека ви бидат необрезани: не јадете ги.

24 На четвртата година нека бидат посветени сите нејзини плодови на Господовите празнувања.

25 А на петтата година јадете го нејзиниот плод и собирајте го нејзиниот род. Јас Сум Господ, ваш Бог!’

26 ‘Не јадете со крв! Не вражајте и не гатајте!

27 Не стрижете ја косата на вашите глави кружно и не стрижете го крајот на вашите бради.

28 Не врежувајте засеци на вашето тело за покојник; ниту засечувајте некакви знаци на себе. Јас Сум Господ!’

29 ‘Не осквернувај ја твојата ќерка, дозволувајќи и да блудствува; за да не блудствува земјата и за да не се наполни земјата со разврат.

30 Пазете ги Моите саботи, почитувајте го Моето Светилиште. Јас Сум Господ!’

31 ‘Не обратувајте им се на повикувачите на духови и на волшебниците. Тие би ве онечистиле. Јас Сум Господ, вашиот Бог!’

32 ‘Стани пред седа глава; почитувај го лицето на старецот; бој се од твојот Бог. Јас Сум Господ!’

33 ‘Ако странец се насели во вашата земја, не угнетувајте го,

34 Туѓинецот, кој престојува со вас, нека ви биде како ваш сонародник; љуби го како себеси; зашто и вие бевте странци во Египетската Земја. Јас Сум Господ, ваш Бог!’

35 ‘Не правете неправда во судот, во мерките за должина, тежина и обем.

36 Мерките нека ви бидат точни: теговите еднакви, ефата права, инот вистински. Јас Сум Господ, вашиот Бог, Кој ве изведе од Египетската Земја.

37 Пазете ги сите Мои закони и сите Мои наредби и исполнувајте ги. Јас Сум Господ!’”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27