Левит (3 Moj.) 14:3-9 MKB

3 свештеникот нека излезе надвор од логорот и нека го изврши прегледот. Ако утврди дека лепрозниот оздравел од лепрата,

4 нека нареди да се земат, за човекот што се очистува: две птици, чисти и живи, кедрово дрво, црвено предено и босилек.

5 Потоа свештеникот нека нареди да биде заклана едната птица над жива вода во глинен сад.

6 Потоа нека ја земе живата птица, а тогаш нека ги натопи заедно: кедровото дрво, црвената волна и босилекот во крвта на птицата, заклана над живата вода.

7 И нека го попрска седум пати оној, кој се очистува од лепрата и нека го прогласи за чист, а живата птица нека ја пушти во полето.

8 Очистуваниот нека ја испере својата облека, нека ги истриже сите свои влакна, нека се искапе во вода и ќе биде чист. Потоа нека влезе во логорот, но нека живее седум дена надвор од својот шатор.

9 На седмиот ден нека ги избричи сите свои влакна: косата, брадата и веѓите; нека ги избричи сите други свои влакна. Откако ќе ја испере својата облека и откако ќе го измие своето тело во вода, ќе биде чист.”