Левит (3 Moj.) 19:13-19 MKB

13 Не искористувај го твојот ближен, ниту го ограбувај! Платата на наемникот нека не остане кај тебе до утрото.

14 Не проколнувај го глувиот, ниту ставај пречка пред слепиот. Бој се од твојот Бог! Јас Сум Господ!’

15 ‘Не правете неправди во судот! Не биди пристрасен кон бедниот, ниту попуштај пред големиот: суди му по правда на твојот ближен!

16 Не разнесувај клевети меѓу твојот народ и не станувај против животот на твојот ближен. Јас Сум Господ!’

17 ‘Не мрази го твојот брат во твоето срце! Должност ти е да го кориш твојот ближен, така не ќе паднеш во грев заради него.

18 Не се одмаздувај и немај злоба кон синовите на твојот народ. Љуби го својот ближен како себеси. Јас Сум Господ!’

19 ‘Пазете ги Моите заповеди! Не оставај го твојот добиток да се спарува со друг вид. Не засевај ја твојата нива со два вида семе. Не облекувај се во облека од два вида ткаенина.’