5 Ако твојот дар биде лебен принос печен во сад за пржење, нека биде од чисто брашно, бесквасен и замесен со масло.
6 Раскрши го на делови и излеј масло на нив: тоа е лебен принос.
7 Ако твојот лебен принос е варен во сад за варење, нека биде од чисто брашно со масло.
8 Принесувај Му на Господа лебен принос направен така! Нека му биде предаден на свештеникот, а тој ќе го принесе кон жртвеникот.
9 Свештеникот нека оддели дел од лебниот принос, за спомен, па нека го изгори на жртвеник: како жртва паленица на Господа за пријатен мирис!
10 А остатоците од лебниот принос за Арона и за неговите синови - тоа е најсветото од Господовите жртви.’
11 ’Никаков лебен принос, што ќе му го принесуваш на Господа, да не биде правен со квас, зашто не смееш да гориш ни квас ни мед како жртва паленица за Господа.