1 Господ му рече на Мојсеја на Синајската Гора:
2 „Зборувај им на Израелците и кажи им: ‘Кога ќе влезете во земјата што ви ја давам, таа земја нека ја пази Господовата саботна починка.
3 Шест години сеј ја твојата нива, шест години режи го твоето лозје и бери го неговиот плод.
4 А на седмата година и земјата нека ја ужива саботната починка, Господовата сабота: не засевај ги твоите ниви, ниту режи го твоето лозје.
5 Што ќе порасне само од себе на твојата нива, не жнеј го; ниту го бери грозјето од нережана лозница. Тоа нека и биде на земјата година на почивање.
6 Земјината починка ќе ве снабди со исхрана: за тебе, за твојот слуга, за твојата слугинка, за твојот наемник и за придојденецот кој живее со тебе;
7 а и за твојот добиток и за ѕверовите во твојата земја - нејзините плодови нека служат за храна.’