Левит (3 Moj.) 26:35-41 MKB

35 Сè додека биде пуста, ќе има починка, што не ја имаше во времето на вашите саботи додека вие живеевте во неа.

36 А на оние од вас што ќе останат во живот по земјите на нивните непријатели, ним ќе им натерам страв во срцето. Шумот на листот што трепери ќе ги гони во бегство. Ќе бегаат како што се бега од меч; ќе паѓаат иако никој не ќе ги гони.

37 Ќе се сопнуваат еден од друг како кога се бега пред меч, иако никој нема да ги гони. Не ќе се одржите пред вашите душмани;

38 ќе изгинете меѓу народите - ќе ве голтне земјата на вашите непријатели.

39 А кој ќе преживее од вас, ќе венее во земјата на вашите непријатели заради своите беззаконија; ќе венеат и заради беззаконијата на своите татковци.’

40 ‘Тогаш ќе ги признаат своите беззаконија и беззаконијата на своите татковци што ги направија против Мене со престапите, зашто Ми се противеа.

41 И Јас требаше да им се спротивставам ним и да ги воведам во земјата на нивните непријатели. Тогаш, најпосле, ќе се понизи нивното закоравено срце и тогаш тие ќе трпат мака за своите беззаконија.