Левит (3 Moj.) 5:11-17 MKB

11 ‘Ако неговите средства не му дозволуваат да набави две грлици или две гулапчиња, нека Му принесе на Господа, за тоа што згрешил, една десетина ефа чисто пченично брашно. Нека не турува масло на него ниту да става темјан на него, зашто е жртва за грев.

12 Кога ќе му го донесе тоа на свештеникот; свештеникот нека земе полн грст како спомен-жртва, и нека го изгори на жртвеникот како принос на Господа, над палениците: тоа е жртва за грев.

13 И така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, што го направил во кој и да е од тие случаи, и ќе му биде простено; остатокот му припаѓа на свештеникот, како и од лебниот принос.’”

14 И уште му рече Господ на Мојсеја:

15 „Ако некој направи престап, огрешувајќи се на несакање во однос на Господовите свети работи, нека Му принесе на Господа, од своето стадо овци - овен без недостаток, што чини, според твојата процена, најмалку два сикла сребро, според цената на храмскиот сикал, како жртва за престап.

16 Нека надомести колку што згрешил во однос на светите работи и нека додаде уште петина кон тоа, и нека му го даде на свештеникот сè тоа; и свештеникот ќе направи да му биде покриен гревот со овенот на жртвата за престап, и ќе му биде простено.”

17 „Ако некој и не знаејќи згреши и стори нешто што Господ забранил, виновен е, и нека ги носи последиците од својата кривица.