Јов 15 MKB

1 Тогаш Елифаз Теманецот проговори и рече:

2 Зар на празни мисли одговара мудрецот и го полни мевот со источен ветер?

3 Зар тој се брани со празни зборови, со беседи што за ништо не користат?

4 Ти правиш уште повеќе: го уништуваш стравот од Бога, и ги укинуваш молитвите кон Бога.

5 Твоите зборови ја откриваат твојата вина, се послужи со лукав јазик,

6 сопствената уста те осудува, не јас, твоите усни сведочат сами против тебе.

7 Зар си првиот човек кој се родил? Зар дојде на светот пред ридовите?

8 Зар ти ги прислушкуваше Божјите тајни, и ја присвои за себе целата мудрост?

9 Што знаеш ти, а да не знаеме и ние, што разбираш ти, а да не го сфаќаме тоа?

10 Има меѓу нас и седи и стари, што имаат повеќе години од татка ти.

11 Зар се премали за тебе Божјите утехи и благите зборови упатени до тебе?

12 Зошто твоето срце така слепо те гони и зошто така диво превртуваш со очите?

13 Штом против Бога својот дух го свртуваш, одма од устата ти излегуваат такви зборови!

14 Што е човекот за да може да биде чист? Зар некој роден од жена е праведен?

15 Ете, Тој не се доверува ни на светците, за Неговото око ни небесата не се чисти,

16 а камоли тоа гадно и бунтовно суштество, човекот, кој пие неправда, како вода!

17 Сега, послушај ме мене, сакам да те поучам, сè што сум видел, сакам да ти раскажам,

18 она што мудреците кажуваа, не криејќи го она, што го примија од предците,

19 на кои им беше дадена оваа земја, врз која туѓинец никогаш не стапнал.

20 „Нечесниот се измачува во сиот свој век, на насилникот годините му се веќе доброени.

21 Крик на ужасот постојано му се во ушите, додека мирува, врз него напаѓа истребител.

22 Не се надева дека ќе им избега на темнините и знае добро дека му е наменет на мечот.

23 Тој скита наоколу за леб, велејќи, каде е? тој знае дека му наближува денот на темнината.

24 Немир и неволја го заплашуваат, се нафрлаат врз него, како цар приготвен за бој.

25 Тој подигаше рака против Бога, се осмелуваше да Му се противи на Сèсилниот!

26 Со горделиво чело се спушти кон Него, добро засолнет зад дебел штит.

27 Лицето му беше покриено со маст, и го направи да е здебелен својот крст.

28 Се насели во разурнати градови и се настани во напуштени куќи. Ќе се урне она што создаде за себе.

29 Нема да му цвета богатството, туку ќе се растури, неговата сенка нема да се шири по земјата.

30 Тој веќе нема да и избегне на темнината, оган ќе ги спржи неговите младици, ќе го снема во здивот на пламена уста.

31 Нека не се надева на својата суета, зашто празнота ќе му биде сета награда.

32 Пред време ќе овенат неговите младици, неговите гранки никогаш нема да се раззеленат.

33 Како лозницата ќе го стресува својот незрел грозд, како маслинката ќе ги исфрли цветовите.

34 Да, јалово е безбожничкото колено, и огнот го голта шаторот на поткупливите.

35 Кои зачнуваат зло, раѓаат несреќа и носат измама во својата утроба.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42