Јов 2 MKB

1 Еден ден пак дојдоа Божјите синови да застанат пред Господа, а меѓу нив пристапи и Сатаната.

2 Тогаш Господ го праша Сатаната: „Од каде доаѓаш?” - „Еве поминав по земјата и ја обиколив,” одговори тој.

3 Тогаш Господ рече: „Дали го забележа Мојот слуга Јов? Нему никој не му е рамен на земјата. Тоа е непорочен и праведен човек: се бои од Бога и се отстранува од злото! Тој е уште постојан во непорочноста, па Ме предизвика испразно да го упропастам.”

4 А Сатаната одговори: „Кожа за кожа! Човекот ќе даде сè што има во животот.

5 Ама испружи ја раката, допри се до неговите коски и до месото; - дали ќе те благослови? Ќе те проколне во лице!”

6 „Нека ти биде! - му рече Господ на Сатаната. - Во твоја рака е; запази му го само животот!”

7 И Сатаната отиде од пред Господовото лице. Тој го удри Јов со лути рани од стапалата до темето.

8 Јов зеде црепка за да се струже со неа и седна во пепел.

9 Тогаш неговата жена му рече: „Зар си уште постојан во непорочноста? Проколни Го Бога и умри!”

10 Јов и одговори: „Брбориш како што брборат безумните жени! Штом примаме добро од Бога, зошто тогаш да не го примиме и злото?” Во сè тоа Јов не згреши со своите усни.

11 Тогаш три Јовови пријатели чуја за сите неволји што го снајдоа; секој се запати од својот крај, Елифаз од Теман, Валдад од Шуах, Софар од Наам, и одлучија да отидат заедно да го пожалат и да го утешат.

12 И кога оддалеку ги насочија очите кон него, не го препознаа. Тогаш почнаа да плачат; секој ја раздра својата облека и фрлија прав на своите глави кон небото.

13 Потоа седнаа покрај него на земјата и останаа така седум дена и седум ноќи. Ниеден не му проговори ни збор, зашто видоа дека е голема неговата болка.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42