Јов 24 MKB

1 „Зошто времињата не се скриени од Семоќниот, а верниците не ги видуваат Неговите денови?

2 Безбожниците ги преместуваат меѓите, ограбуваат стадо и го пасат.

3 Им го одведуваат ослето на сирачето, го земаат во залог волот на вдовицата.

4 Ги тераат бедните од патот; се кријат бедните на земјата.

5 Како диви ослици во пустината рано одат да заграбат плен: пустината им ги храни децата.

6 Тие собираат во туѓа нива, го берат лозјето на опакиот.

7 Голите немаат облека ноќе, ни покривка против студот.

8 Тие киснат од планинските поројни дождови; без засолниште, се долепуваат до карпата.

9 Го оттгргнуваат сиракот од градата, земаат во залог дете од бедниот.

10 Одат голи, немаат облека; изгладнети, носат туѓи снопови.

11 Кои цедат масло меѓу ѕидовите; жедни, газат во каците.

12 Луѓето на умирање офкаат низ градовите, и душите на ранетите викаат за помош, но Бог се оглушува на сè тоа.

13 Има такви, кои ја мразат светлината: не ги признаваат нејзините патишта, ниту се придржуваат до нејзините патеки.

14 Убиецот се крева во мракот, ги коле бедниот и сиромашниот.

15 Окото на прељубникот копнее за примрак: „Никој нема да ме види,” вели тој и го прекрива своето лице со превез.

16 Во темнината ги пробива куќите, оние куќи, кои ги забележал дење. Тие не сакаат да знаат за светлина.

17 Зората им е како смртна сенка: штом зазори силен страв ги фаќа.

18 Тој е побрз од водите, избегнувајќи го патот преку лозјата, неговите имоти се проколнати во земјата.

19 Како што горештината и жегата го впиваат снегот, така и Подземјето ги проголтува грешниците.

20 Крилото што го роди го заборави, неговото име не се спомнува веќе; неправдата е скршена како стебло.

21 Тој измачуваше жена неротка, не и стори добро на вдовицата.

22 Но оној што силно ги фаќа насилниците, станува, а за нив гасне сета надеж.

23 Му даде сигурност, и тој се надева; со окото ги надгледуваше неговите патеки.

24 Се воздигнаа за малку, а тогаш исчезнаа, се рушат и изгниваат како сите други, пресечени како главите на класовите.

25 Не е ли така? Кој ќе ме изобличи во лага? Кој може да ги поништи моите зборови.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42