Јов 27 MKB

1 Јов ја продолжи својата беседа и рече:

2 „Жив е Бог, Кој ми ја скратува правдата, и Сèдржителот, Кој ми ја огорчи душата.

3 Сè додека мојот дух е уште во мене, додека Божјиот здив биде во моите носалки,

4 Моите усни нема да изустат зло, ниту некаква лага ќе дојде на мојот јазик.

5 Далеку од мене да ве оправдам, својата невиност ќе ја бранам до последниот здив.

6 Јас се држам за својата правда, нема да ја оставам; моето срце нема да ме кори заради моите денови.

7 Нека го најде мојот непријател кобта на безбожникот, а мојот противник - судбината на беззаконикот!

8 Зашто на што може да се надева кога се моли покорно и кога ја вознесува својата душа кон Бога?

9 Ќе ги чуе ли Бог неговите крици, кога неволјата ќе се нафрли врз него?

10 Зар ќе се радува тој во Сèдржителот? Зар ќе го повикува Бога во секое време?

11 Но јас ќе ви ја покажам Божјата рака и нема да ви ги скријам намерите на Сèдржителот.

12 Ете, сами можевте да го видите сè тоа, зошто тогаш се губите во празнина?”

13 Оваа судбина Господ ја одредува на беззаконикот, ова наследува силникот од Сèдржителот.

14 Има ли многу синови, меч ги чека, а неговиот пород не ќе има доста леб.

15 Смртта ќе ги погребе неговите преживеани, и вдовиците не ќе ги оплачуваат.

16 Ако натрупа и сребро како прав, ако насобере и облеки како кал,

17 нека ги собира, праведник ќе ги облече, невини луѓе ќе го разделат среброто.

18 Изградил куќа од пајажина, колипче какво прави за себеси полјакот.

19 Легна богат, но за последен пат; кога ги отвори очите, ништо веќе нема.

20 Ужас го опфаќа среде бел ден, ноќе, бура го грабна и го однесе.

21 Источниот ветер го крена и го одвлече, бурата го фрла далеку од неговото место.

22 Без милост мавта со него насекаде, додека овој се обидува да му избега од раката.

23 Плескаат со раце над неговата пропаст, го исвиркуваат каде и да дојде.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42