Јов 42:6-12 MKB

6 Затоа, се гнасам од сите свои зборови и се каам во прав и пепел.”

7 Кога Господ му ги изговори на Јова овие зборови, Тој му рече на Теманецот Елифаз: „Ти и твоите два пријатели го распаливте Мојот гнев, зашто не зборувавте за Мене така право, како Мојот слуга Јов,

8 Затоа, земете сега седум јунчиња и седум овни и отидете при Мојот слуга Јов, да принесете паленица за себе, а Мојот слуга Јов ќе се помоли за вас. Ќе имам обѕир кон него, и нема да ви сторам ништо лошо, зашто не зборувавте за Мене онака право, како Мојот слуга Јов.”

9 Тогаш отидоа Елифаз од Теман, Валдад од Сава и Софар од Наам и направија како што им заповеда Господ. И Господ погледна кон Јова.

10 И Господ го врати Јова во поранешната состојба, зашто се застапи за своите пријатели, па му го удвои она што го имаше.

11 Тогаш му се вратија на Јова сите негови браќа и сите негови сестри, и сите поранешни познати, па јадеа леб со него, во неговата куќа, жалејќи го и утешувајќи го заради сите неволји што Господ ги испрати на него. Секој му подари по еден сребреник и по еден златен прстен.

12 Господ ја благослови новата Јовова состојба уште повеќе отколку поранешната. Стадата му броеја четиринаесет илјади овци, шест илјади камили, илјада двојки волови и илјада ослици.